• понеделник, 15 јули 2024

Израел тврди дека лидер на Хамас е убиен во воздушен напад во Газа

Израел тврди дека лидер на Хамас е убиен во воздушен напад во Газа

Тел Авив, 15 јули 2024 (МИА) – Израел вчера соопшти Рафа Салама, висок командант на палестинската исламистичка група Хамас, бил убиен во воздушен напад за кој здравствените власти во Газа рекоа дека погодил бегалски камп и во кој загинале најмалку 90 луѓе.

Во меѓувреме, Хамас ги негираше информациите дека по нападот се прекинати преговорите за прекин на огнот и враќањето на преостанатите заложници што се одржуваат во главниот град на Катар, Доха, јави ДПА.

Салама беше клучна цел на нападот во саботата заедно со Мохамед Деиф, водачот на военото крило на Хамас во Газа. Двајцата беа опишани од Израел како „мозоци на масакрот на 7 октомври“, што го поттикна конфликтот.

Во соопштението на израелските одбранбени сили (ИДФ) се вели дека Салама е „елиминиран“, но не се споменува Деиф.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека сè уште нема точни информации за судбината на Деиф, додека претставник на Хамас во либанскиот главен град Бејрут вчера рече дека Деиф не е убиен.

ИДФ го опиша Салама како еден од најблиските соработници на Деиф и нагласи дека неговата смрт сериозно ќе ги наруши воените способности на Хамас. Салама командуваше со бригадата Кан Јунис во јужниот дел на Газа и беше одговорен за бројните ракетни напади извршени врз Израел во последниве години, соопшти ИДФ.

Палестински медицински лица соопштија дека во нападот во саботата загинале најмалку 90 луѓе, а стотици се повредени откако биле погодени шаторите за раселените луѓе во кампот Ал-Маваси.

ИДФ соопшти дека нападот „бил изведен во оградена област контролирана од Хамас и каде, според информациите на ИДФ, биле присутни само терористи на Хамас и ниту еден цивил“. јт/

Фото: ИДФ на Х

Остани поврзан