• понеделник, 15 јули 2024

Грчкото малцинство во Албанија во фокусот на средбата Мицотакис- Белери во Атина

Грчкото малцинство во Албанија во фокусот на средбата Мицотакис- Белери во Атина

Атина, 15 јули 2024 (МИА) – Откако доби петдневна дозвола за излез од албанскиот затвор за да положи свечена заклетва како нов европратеник, градоначалникот на Химара, осуден на затворска казна Фреди Белери денеска во Атина се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој воедно беше и иницијатор за вклучување на Белери во кандидатската листа на Нова демократија за европските избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Белери претпладневно од Тирана пристигна во Атина, а пред да замине за Стразбур за утрешната седница, беше примен од Мицотакис во премиерската палата.

-Многу ми е драго што се чини дека ѝ се ближи крајот на оваа голема перипетија. Беше сторено она што се подразбира, доби дозвола за да можеш да ги извршуваш своите должности и да положиш заклетва. Се надевам дека многу скоро конечно ќе излезеш од затвор, за да се затвори ова болно поглавје за сите нас, за да продолжиме понатаму и да гледаме напред, рече Мицотакис на почетокот на средбата.

Ја изрази поддршката за грчкото малцинство во Албанија, истакнувајќи дека Тирана треба, без отстапки, да ги почитува своите европски обврски.

Белери, му се заблагодари на Мицотакис за поддршката, како и за довербата што ја добил да биде дел од кандидатите од Нова демократија.

-Сметам дека владеењето на правото, правото на избор и да бидеш избран не е нешто што се подразбира во државата во која живееме. Сакам да помогнам во ова. Да му помогнам на грчкото национално малцинство да остане во јадрата на своите предци, но и оваа држава да се приближи и да стане членка на европското семејство, рече Белери.

Како што вчера објави МИА, албанските власти му одобрија на Белери да отпатува во Франција за да учествува на инаугуративната седница на Европскиот парламент како грчки европратеник.

Фреди Белери (52), припадник на грчкото малцинство во Албанија, отслужува двегодишна затворска казна за купување гласови пред неговиот избор во мај 2023 година за градоначалник на Химара во јужна Албанија. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан