• четврток, 30 јануари 2025

Израел ги доби имињата на заложниците кои Хамас следни ќе ги ослободи

Израел ги доби имињата на заложниците кои Хамас следни ќе ги ослободи

Тел Авив, 29 јануари 2025 (МИА) – Палестинската екстремистичка група Хамас ги соопшти имињата на следните тројца заложници што утре ќе бидат ослободени од Појасот Газа како дел од договорот за прекин на огнот, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Една од заложничките што ќе биде ослободена во замена за десетици палестински затвореници е Арбел Јехуд, која има и израелско и германско државјанство, како и припадничката на израелската армија Агам Бергер, пренесе ДПА.

Покрај нив, Гади Мозес – за кој медиумите велат дека има и германско државјанство – ќе биде првиот машки заложник што ќе биде ослободен според договорот за прекин на огнот, кој ги прекина борбите на 19 јануари по повеќе од 15 месеци војна.

Во почетната шестнеделна фаза од договорот, 33 израелски заложници треба да бидат ослободени во замена за 1.904 палестински затвореници од израелските затвори.

Седум заложнички веќе се ослободени според договорот. Уште три ќе бидат ослободени в сабота.

Израелскиот весник Хаарец објави дека пет тајландски работници киднапирани од Израел, исто така, можеби ќе бидат ослободени.

Меѓу 90-те преостанати заложници што се држат во Газа осуммина се тајландски државјани, еден е од Непал и еден е државјанин на Танзанија.

Според договорот за прекин на огнот, Хамас треба да го извести Израел 24 часа однапред кого го ослободува пред да ги предаде заложниците. јт/

Фото: Интернет

Остани поврзан