• недела, 22 декември 2024

Израелски министри ја критикуваат одлуката за ослободување на палестински затвореници

Израелски министри ја критикуваат одлуката за ослободување на палестински затвореници

Тел Авив, 1 јули 2024 (МИА) - По ослободувањето на повеќе од 50 палестински затвореници, меѓу кои и директорот на болницата Шифа, Мухамед Абу Салмија, следуваше бурна реакција од дел од израелските министри.

Канцеларијата на Бенјамин Нетанјаху соопшти дека израелскиот премиер наредил итна истрага, нагласувајќи дека одлуката за ослободување следела по сослушувањето на затворениците во Врховниот суд, пренесува Гардиан.

Министерот од крајната десница, Бен Гвир, изјави дека станува збор за „безбедносно непромислена одлука“, додека поранешниот министер за воени работи, Бени Ганц, ја оцени како морална грешка на Владата.

Поранешниот израелски премиер, Јаир Лапид, исто така, ја критикуваше одлуката за ослободување на затворениците, истакнувајќи дека таа ја загрозува безбедноста на Израелците.

Израелската затворска служба, која е под надлежност на министерот Бен Гвир, наведе дека не е одговорна за ослободувањето на директорот на болницата Шифа.

Безбедносната агенција Шин Бет претходно го обвини Бен Гвир за ослободувањето на палестинските затвореници.

Директорот на болницата Шифа, Мухамед Абу Салмија, говорејќи од болницата Насер во Кан Јунис по неговото ослободување, наведе дека палестинските затвореници страдаат и умираат поради насилството врз нив во притвор, додавајќи дека е изненаден што членовите на израелската влада не знаат за одлуката.

Израелскиот весник Хаарец пренесува дека министерот за одбрана, Јоав Галант, не знаел дека палестинските затвореници ќе бидат ослободени, според извори блиски до министерот. ссм/

фото: архива

Остани поврзан