• недела, 22 декември 2024

Израелските напади ги зголемуваат цените на нафтата и економскиот товар на Иран

Израелските напади ги зголемуваат цените на нафтата и економскиот товар на Иран

Тел Авив, 29 октомври 2024 (МИА) - Цената на нафтата се зголеми за повеќе од два проценти уште на почетокот на октомври, по ракетните напади од Иран врз Израел. 

Израелските цели во Иран, погодени на 26 октомври, биле фабрики за ракети, објави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари. САД, најважниот сојузник на Израел, побарале од израелската влада да не ги напаѓа иранските нуклеарни постројки или нафтени полиња, бидејќи Иран покрива околу четири проценти од глобалните потреби за нафта, според анализа на Capital Economics.

Извозот на нафта е важен извор на приход за Иран. И покрај тоа што САД го напуштија иранскиот нуклеарен договор во 2018 година, повторно воведоа санкции за иранската нафта и потоа ги проширија дополнително, Иран сè уште успева да продава нафта - најмногу на Кина.

Извозот на нафта во 2023 година беше повеќе од 35 милијарди долари, како што објави министерот за нафта Џавад Овји во март, а пренесе Фајненшл тајмс. Аналитичката куќа „Вортекс“, специјализирана за енергетскиот сектор, процени дека дневниот извоз на Иран се зголемил во просек на 1,56 милиони барели во периодот од јануари до мај 2024 година.

Зголемувањето на извозот беше овозможено со поголемото производство на сурова нафта, зголемената побарувачка од Кина и проширувањето на т.н. „темни флоти“, објави Вортекса кон крајот на јуни 2024 година. „Темната флота“ се однесува на бродови кои шверцуваат нафта за да ги заобиколат санкциите. Според американската организација Обединети против нуклеарниот Иран (УАНИ), иранската „темна флота“ има најмалку 383 бродови. Иран ја продава својата нафта со попуст од 20 отсто во однос на цената на светскиот пазар, процени англиската ТВ Иран Интернешнл, што е компензација за ризикот што го преземаат купувачите поради евентуалните американски санкции.

„Кинеските рафинерии се главните купувачи на илегалните испораки на нафта од Иран, кои посредниците ја мешаат со испораките од други земји и ја декларираат во Кина како увоз од Сингапур или други земји“, рече истиот извор.

Во анализата што ја пренесува Дојче веле се додава дека западните санкции не се однесуваат само на нафтената индустрија, туку и на меѓународните финансиски трансакции со Иран, што доведе до драстичен пад на вредноста на националната валута, риалот.

На црниот пазар од 2 октомври 2024 година за еден американски долар Иранците треба да платат 580.000 риали. За споредба, по потпишувањето на нуклеарниот договор во 2015 година, доларот вредеше 32.000 риали. Санкциите и лошиот девизен курс ги поскапуваат дневните потреби, што дополнително ја влошува ситуацијата бидејќи Иран не може сам да обезбеди доволно храна за своето население. Сегашната инфлација е околу 40 проценти.

Иако приходите од извозот на нафта се стабилизираа, се додава во анализата, Иран е далеку од статусот на економска сила. Со своите 88 милиони жители, оваа земја има речиси десет пати повеќе население од Израел, но е значително послаба на економски план.

БДП на Иран во 2023 година беше околу 403 милијарди долари, додека на Израел беше околу 509 милијарди долари. Разликата е јасна кога се споредува БДП по глава на жител: според Меѓународниот монетарен фонд, БДП по глава на жител во Иран изнесувал 4.663 долари, додека во Израел бил над 52.000 долари.

- Стандардот на живеење на средната класа се врати на нивото од пред 20 години поради санкциите, изјави за Дојче веле Џавад Салехи-Исфахани, професор по економија во Вирџинија Тек.  

Во Иран, значителни суми пари исчезнуваат во нетранспарентните структури на владејачките елити. На листата на Транспаренси Интернешнл Иран е на 149 место од 180 земји, додека Израел е на 33 место. Улогата на Револуционерната гарда и верските фондации кои ги контролираат клучните делови од економијата е особено нетранспарентна. Овие институции не плаќаат даноци, не се обврзани да објавуваат финансиски извештаи и директно да поднесуваат извештаи до политичкиот и верскиот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Иако Иран има претседател избран од народот, што последен пат се случи во јули 2024 година, земјата не е демократска држава, се вели во анализата. Од 80 кандидати за претседателската функција, конзервативниот Совет на чувари дозволи само шест кандидати. Владата се обидува да го одржи социјалниот мир со субвенции за храна и гориво, но сепак се плаши од незадоволство кај народот, кое често се манифестира преку протести против политичкиот режим поради зголемените цени или обврската за носење шамии за жените.

Војната со Израел би била огромен економски товар за Иран, што би можело да ја принуди владата да ги намали трошоците во други области, што дополнително ќе го влоши незадоволството на граѓаните. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан