• недела, 02 февруари 2025

Пратеникот од Нова демократија Какламанис избран за претседател на грчкиот Парламент (ДПЛ)

Пратеникот од Нова демократија Какламанис избран за претседател на грчкиот Парламент (ДПЛ)

Атина, 22 јануари 2025 (МИА) – Со широко мнозинство, со 247 гласа „за“ и 50 „воздржани“, пратеникот од владејачката Нова демократија, Никитас Какламанис денеска беше избран за претседател на грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако минатата среда грчкиот премиер соопшти дека претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас е владиниот избор за шеф на државата, Нова демократија, за собраниски спикер го предложи 79-годишниот Какламанис.

Денеска се одржа гласањето, а претседателот на Парламентот беше избран со поддршка од Нова демократија и опозициските СИРИЗА, ПАСОК, Грчко решение, Спартанци, како и голем дел од независните пратеници, како што и беше очекувано.

Од друга страна, воздржани беа пратениците од Комунистичката партија, Нова левица, Курс на слободата, Победа и четворица независни.

Какламанис е поранешен градоначалник на Атина и поранешен министер за здравство, а беше заменик-претседател на Парламентот од 2015 до 2023 година.

Веднаш по гласањето, новиот собраниски спикер, обраќајќи се до пратениците и посочи дека „парламентарното тело, освен формална мисија, има и општествена улога да воспитува“, бидејќи како што објасни, го отсликува и електоратот и се отсликува како пример за етика и делување пред народот и посочи дека потребно е единство.

- Во оваа просторија нема победници и губитници, мали или големи, сини, зелени или црвени… Едноставно постојат 300 луѓе, кои можат да бидат пример за грчкиот народ. Доволно е да го сакаат. Доволно е да имаат верба во вистинските демократски идеали, во хуманоста, интегритетот и патриотизмот, истакна Какламанис.

Следеше и примопредавање на функцијата со што новиот претседател на Парламентот ја презеде должноста од досегашниот, Константинос Тасулас, кој е кандидат за шеф на државата. 

За сабота напладне, закажано е првото гласање на пратениците за избор на претседател на Грција, кое не се очекува да биде успешно и да се собере потребното двотретинско мнозинство, по што ќе следи и второ, пет дена подоцна. 

Според калкулациите и ставовите на партиите, Тасулас се очекува да биде избран за претседател на Грција на четвртото гласање кон средината на следниот месец. ср/ми/

Фото: Грчки парламент

Остани поврзан