• вторник, 25 јуни 2024

Израелска армија: Хезболах нѐ носи на работ на ескалација

Израелска армија: Хезболах нѐ носи на работ на ескалација

Ерусалим, 17 јуни 2024 (МИА) - Зголемениот прекуграничен оган на либанското движење Хезболах кон Израел може да предизвика сериозна ескалација, соопшти синоќа израелската војска.

-Зголемената агресија на Хезболах нѐ доведува до раб на она што би можело да биде поширока ескалација, што може да има катастрофални последици за Либан и за целиот регион, изјави портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари во видео обраќање на англиски јазик.

Хезболах, кој делува под покровителство на Иран, минатата недела истрела најголем број ракети и беспилотни летала во изминатите девет месеци откога разменува оган со израелската армија, во исто време кога продолжува конфликтот во Газа.

САД и Франција работат на преговори за решение за непријателствата долж јужната граница на Либан. Хезболах соопшти дека нема да престане да пука додека не заврши израелската воена офанзива во Газа.

-Израел ќе ги преземе неопходните мерки за заштита на своите цивили - додека не се врати безбедноста на нашата граница со Либан, рече Хагари. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан