• недела, 22 декември 2024

Вуд: За САД испраќањето севернокорејски војници во Украина е опаен и загрижувачки развој на ситуацијата

Вуд: За САД испраќањето севернокорејски војници во Украина е опаен и загрижувачки развој на ситуацијата

Њујорк, 22 октомври 2024 (МИА) – Доколку Северна Кореја испрати војници во Украина тоа би било „опасен и загрижувачки развој на настаните“, соопштија синоќа САД.

-Во моментов се консултираме со нашите сојузници за можните последици од таков драматичен потег, изјави заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд, пред петнаесетчлениот Совет за безбедност.

Во февруари 2022 година, Русија ја нападна Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Пјонгјанг дека подготвува 10.000 војници да и помогнат на Русија, а украинскиот амбасадор во ОН пред Советот за безбедност рече дека севернокорејските војници треба да бидат подготвени за војна во Украина до 1 ноември.

Јужнокорејската разузнавачка агенција минатата недела објави дека нејзините северни соседи веќе испратиле 1.500 припадници на специјалните сили во источна Русија каде што треба да поминат низ процесите на аклиматизација и воена подготовка.

„Доколку е вистина, тоа означува опасен и загрижувачки развој, како и се посилни воени врски меѓу Русија и Демократска Народна Република Кореја“, рече Вуд.

Кремљ одби да даде директен одговор на прашањето дали Северна Кореја им испраќа војници да се борат во Украина, но портпаролот Дмитриј Песков истакна дека соработката меѓу Москва и Пјонгјанг не е насочена против ниту една трета земја.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, им одговори на западните земји дека премногу се опседнати со „наводни ирански, кинески и корејски плашила, од кои секој е поапсурден од претходниот“.сд/

фото:Х

Остани поврзан