• петок, 03 мај 2024

Измените на законите за високо образование и за Изборниот законик пред пратениците 

Измените на законите за високо образование и за Изборниот законик пред пратениците 

Скопје, 7 март 2024 (МИА) – Пратениците го усвоија дневниот ред на 147 седница на која ќе расправаат за Предлог-законот за дополнување на Законот за високото образование и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, двата по скратена постапка, откако претходно нив ќе ги разгледаат матичните комисии (за образование, наука и спорт и за политички систем) и Законодавно-правната комисија.

Пратеникот Арбер Адеми соопшти дека со дополнувањата на Законот за високото образование ќе се унифицираат платите на сите државни универзитети, со што, рече, ќе се постигне усогласување на коефициентите  и ист статус на вработените на сите универзитети.

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, како што рече пратеникот Мартин Костовски, целта е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите - сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација.

Со измените треба да се разјаснат процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.  Со преодната одредба од овој предлог се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од деветмесеци до денот на одржување на изборите.

Собранието ќе ја продолжи 147-та седница во 13.30 часот откако овие два предлога ќе бидат разгледани од матичните комисии и од Законодавно-правната комсија. хс/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан