• среда, 25 декември 2024

Мицкоски од Тетово: Бадијала удирање во гради кога народот е гладен и незадоволен, што направи ДУИ после 20 години власт

Мицкоски од Тетово: Бадијала удирање во гради кога народот е гладен и незадоволен, што направи ДУИ после 20 години власт

Тетово, 2 мај 2024 (МИА) - За бадијала метафора и удирање во гради кога народот е гладен и незадоволен, што направи ДУИ после 20 години власт. Видете ги условите за живот во тетовски села, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово, на митинг во рамки на парламентарната кампања „Македонија повторно твоја! Промените во твои раце“ ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Според Мицкоски сега државата е управувана од стотина луѓе кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат, порачувајќи дека „колку повеќе зборат за права и за положбата на Албанците, толку овие неколкумина од раководството на ДУИ крадат“.

- Секое мое кажување на вистината тие го извртуваат како напад врз Албанците. Јас сум прецизен и точно имам против оние кои го крадат народот и немам против ниту еден народ. Имам против оние кои ја ограбија Македонија, а со тоа ги ограбија и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Ромите и Власите и сите останати. Артан, Бујар и Талат се власт во Македонија затоа што СДСМ одбраа да бидат измеќари на овие тројца и на тој начин одржуваат власт плаќајќи скапа цена, истакна Христијан Мицкоски од Тетово. 

Тој најави дека по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија„

-Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри. Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.

Мицкоски рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.

-За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.

Носителката на кандидатската листа со пратеници Дафина Стојаноска од Тетово посочи дека народот на ДУИ и СДС им порачува дека им е преку глава од нивниот криминал.

-На Стево и на Таче им се случи народ. Им се случи казна за нивната неработа и за нивното молчење пред криминалите на Али и Артан Груби. Затоа, од срце му честитам на Тетово за победата на 24 април и сум убедена дека на 8 мај ќе се случи уште повеќе народ и уште поголема победа за ВМРО-ДПМНЕ за коалицијата Твоја Македонија и за професорката Гордана Силјановска Давкова, изјави носителката од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица шест, Дафина Стојаноска на митингот во Тетово.

Таа истакна дека СДС и ДУИ седум години наназад имаа слух само за себе и за своите, никогаш не го слушаа народот, кој потоа излезе да ги казни. ас/аа/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан