• петок, 26 јули 2024

ИЗБОРИ 2024/Комплетиран составот на ДИК, избран Абдуш Демири за член на Комисијата

ИЗБОРИ 2024/Комплетиран составот на ДИК, избран Абдуш Демири за член на Комисијата

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Собранието на Република Северна Македонија во рамки на 145 седница попладнево го изгласа Абдуш Демири за член на Државната изборна комисија. За одлуката гласаа 90 пратеници, без ниту еден глас против и воздржан. 

Демири е предлог за член на ДИК од партиите од Европскиот сојуз за промени. Вториот кандидат, кој се повлече, беше Зуљфи Адили бидејќи Владата на предлог на Зијадин Села од Алијанса за Албанците го именува за директор на Агенцијата за странски инвестиции. 

Со неговиот избор се комплетира составот на Државната изборна комисија. ДИК повеќе месеци беше без седмиот член, откако Кренар Лога стана министер за правда.

Собранието попладнево ја донесе и одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на КПУ КПД Идризово. По предлог на Министерството за одбрана со одлуката се продолжува рокот за постоење на кризна состојба за зајакнување и обезбедување на КПД Идризово до 31 септември 2024 година.

Пратениците едногласно го донесоа и Законот за вработените во Министерството за одбрана, а без расправа беа донесени и Одлуката за изменување на Одлуката за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, Предлог одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија.

На седницата поддршка не доби барањето на пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ да се повлечат од дневен ред точките што се однесуваат на стратешките инвестиции. вг/фф/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан