• сабота, 27 јули 2024

Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во посета на Националниот сојуз за планинско спасување во Охрид

Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во посета на Националниот сојуз за планинско спасување во Охрид

Охрид, 27 мај 2024 (МИА) – Делегација на Канцеларијата на Европската унија во земјава, предводена од заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау беше во посета на Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС) со седиште во Охрид.

Како што соопшти претседателот на НСПС, Антонио Додевски, на средбата било разговарано за општата состојба на планинското спасување во државата, за предизвиците со кои се соочува службата и потребата од итно регулирање на легислативата во државата согласно меѓународната и европската пракса, како и со препораките на ICAR (International Commission for Alpine Rescue).

Особен акцент бил ставен врз значењето на волонтерските служби за локалните заедници од една страна и немањето на никаква поддршка од надлежните институции од друга страна.

-Како единствен позитивен пример беше истакнат примерот на Планинската спасителна служба во Охрид која делува регионално и веќе две години по ред добива минимални средства единствено од Буџетот на Општина Охрид, благодарение на што успева да го одржи неопходниот континуитет за ефикасен одговор во случај на несреќи, чиј број е во постојан раст, вели Додевски.

Исто така, била истакната и потребата таквиот позитивен пример да започне да се применува и во останатите општини, каде Сојузот има свои организации, како единствен предуслов за зголемување на ефикасноста и капацитетот на Службата за спасување.

Нупнау изразил голема благодарност до сите волонтери од НСПС за нивната пожртвуваност и ентузијазам да им помагаат на луѓето во случај на несреќи, охрабрувајќи ги припадниците да продолжат по зацртанот пат за целосна имплементација на меѓународните стандарди. Тој изразил подготвеност за понатамошна дипломатска помош во насока на што поскоро системско решавање на планинското спасување во државата.

Во рамки на посетата на гостите им се презентирани и резултатите од претходно спроведените проекти финансирани од ЕУ преку програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.

Додевски ја искористил можноста да се заблагодари за досегашната поддршка, како и за подготвеноста на Европската делегацијата и понатаму да ја поддржува службата во активностите насочени кон целосно имплементирање на европските стандарди за планинско спасување во државата. аб/лв/

фото/НСПС

 

Остани поврзан