• петок, 22 ноември 2024

Заканите растат, а војници сè помалку

Заканите растат, а војници сè помалку

29 март 2024

Вијести - Подгорица

(авторот е колумнист на Ројтерс)

Секое утро на носачот на авиони УСС Двајт Д. Ајзенхауер се повикува еден од членовите на екипажот да дојде до командниот мост, каде добива колач и каде го замолуваат да седне на капетанското место.

Под услов да се согласи, неговите фотографии потоа се споделуваат на социјалните мрежи додека капетанот Крис Чауда Хил ги фали своите млади „воини“, од кои некои штотуку излегле од тинејџерските години и вршат помалку гламурозни работи поправајќи машини и авиони.

„Ако сакам да го подигнам моралот, треба да се погрижам сите да се чувствуваат сакани и ценети“, изјави Хил за американскиот воен магазин „Stars and Stripes“. „Треба да се погрижам секој да има мисија и цел.

На 4 ноември, помалку од еден месец по нападот на Хамас врз Израел од Газа, носачот Ајзенхауер помина низ египетскиот Суецки канал за да заземе позиција во Црвеното Море. Носачот, тактичката група и 7.000 американски воен персонал се таму оттогаш, а од јануари тие вршат чести воздушни напади врз Јемен, како и операции за поддршка за заштита на цивилниот бродски сообраќај.

Одржувањето на моралот е сè поважно. Како и многу војски во светот, морнарицата и армијата на САД се обидуваат да привлечат доволно мажи.

Во напорите на Украина да ја одврати руската инвазија, регрутирањето доволно војници сега се покажа исто толку важно како и набавката на артилерија и беспилотни летала. За Пентагон, недоволниот број луѓе може да значи дека нема да може да спроведува тековни операции, а камоли да ги зголеми ресурсите за идни кризи како што се соочувањето со Кремљ, Пекинг, Иран или Северна Кореја.

Американската морнарица во февруари призна дека во последните месеци од 2023 година успеала да регрутира само околу 65 отсто од вкупниот број војници што и биле потребни, додека копнените сили исполниле само 74 отсто од целта кога станува збор за регрутирање. Севкупно, на американската војска ѝ недостигаа 41.000 за да ги исполни своите цели за регрутирање во 2023 година, наведувајќи ја ниската стапка на невработеност на цивилите, намалениот интерес за воени кариери, националната епидемија на „дебелина“ и техничките проблеми кои го забавуваат пристапот до медицинските досиеја.

Според Пентагон, секој четврти човек во САД на возраст меѓу 17 и 24 години ги исполнува физичките и образовните услови за воена служба, по што морнарицата стана првата гранка на војската која објави дека ќе прифаќа регрути без диплома за средно образование. 

Според официјалните бројки, американските воздухопловни и вселенски сили - кои даваат приоритет на висококвалификуваните апликанти и често се помалку физички напорни - ги исполнија своите цели за регрутирање за 2023 година, и покрај претходните сугестии дека тоа нема да биде случај во воздухопловните сили.

Меѓутоа, на пошироко ниво, се чини дека кризата со воено регрутирање е глобална и не се однесува само на западниот свет. Во текот на изминатата година, воените претставници во Австралија, Јапонија, Германија, Франција, Холандија и Велика Британија јавно изразија загриженост за се помалиот број на доброволци.

Германската Влада се договори околу предлог законот со кој се предвидува побрза постапка за отпуштање на војници кои на каков било начин се вмешани во екстремизам или тешки кривични дела.

Во Европа, поради зголемениот број на жртви од конфликтот во Украина, неколку земји отворено размислуваат за воведување задолжителен воен рок, дури и во време на криза. Меѓу другите стратегии се регрутирање странци - што исто така беше предложено во Германија и Австрија - како и поголемо потпирање на беспилотни летала и беспилотни системи.

Во последниот извештај за одбрана на Австралија е наведено купувањето на неколку бродови способни за роботизирани операции опишани како „опционално со екипаж“ - што ја прави Австралија првата земја што ги опишала воените бродови на тој начин, но веројатно не и последна.

За копнените сили и морнарицата на САД, проблемите со регрутирањето доведоа до зголемен фокус на зачувување на постоечкиот персонал, особено на оние со тешко заменливи вештини како нуклеарното инженерство.

Тие напори беа доста успешни - барем во САД. Минатата година американските копнени сили успеаја да ја постигнат целта и да задржат 56.000 вработени чии договори требаше да бидат обновени до крајот на јуни. Морнарицата, исто така, ги надмина целите за обновување на договорите.

Спротивно на тоа, европските војски се чини дека страдаат од епидемија на одлив на војници, морнари и воздухопловци кои заминуваат порано од очекуваното. Во Франција, официјалните лица велат дека просечната воена кариера сега е една година пократка отколку што беше порано. Во Британија, официјалните бројки покажуваат дека на секои осум луѓе што ќе заминат, само пет се приклучуваат на армијата.

Додека НАТО испраќа војници во Источна и Централна Европа, а САД и регионалните сојузници се подготвуваат за можна кинеска инвазија на Тајван веќе во 2027 година, тензиите може дополнително да се влошат. Истражувањето спроведено од американскиот весник „Army Times“ покажа дека во тенковските единици на Армијата на САД - кои имаа особено исцрпувачки распоред за поддршка на распоредувањето на силите во Европа и на Блискиот Исток - стапката на самоубиства била двојно поголема од просечната во војската, што делумно се гледа како резултат на прекумерна работа.

Иако распоредувањето на силите прво во Ирак, а потоа и во војната во Авганистан имаше свои предизвици, помалку крвавите, но сепак тешки предизвици од 2020-тите може да имаат лош ефект врз моралот, во најмала рака.

Единаесет самоубиства се регистрирани на носачот „USS George Washington“ додека бил закотвен во Норфолк, Вирџинија повеќе од една година заради одржување. Ова е делумно поврзано со незадоволството поради лошите услови и сместувањето.

Ако се оправдаат американските стравови за растечките тензии со Кина, Русија и Северна Кореја, притисокот врз војската може само да се зголеми. Беспилотните системи и подоброто управување можат до одреден степен да ги пополнат празнините, но еден од предизвиците за САД и нивните сојузници е да избегнат ситуација во која нивниот воен персонал е веќе исцрпен пред да започне вистинската битка. ссм/

фото: архива

Остани поврзан