• понеделник, 13 мај 2024

ЕУ и САД го предупредија Додик: Одговорен сте за кризите, бидејќи го кршите Уставот на БИХ

ЕУ и САД го предупредија Додик: Одговорен сте за кризите, бидејќи го кршите Уставот на БИХ

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - Европската унија и САД денеска го предупредија лидерот на босанските Срби, Милорад Додик и властите во Република Српска дека нивните постапки го загрозуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина и го блокираат нејзиниот европски пат со инсистирање на усвојување закон со кој се обидуваат да ги преземе државните овластувања.

Во пресрет на седницата на Народното собрание на РС, на чиј дневен ред се ентитетскиот изборен закон, законот за референдум, законот за имунитет на службениците на РС и законот за „странски агенти“, односно за контрола на сите организации и здруженија кои примаат донации од странство, од делегацијата на ЕУ во Сараево реагираа со соопштение во кое се наведува дека со донесувањето на вакви закони ќе се наруши уставниот поредок на Босна и Херцеговина, функционалноста на нејзините власти и основните слободи, а сето ова би било спротивно на обврските на Босна и Херцеговина на европскиот пат.

„Очекуваме раководството на ентитетот да ги суспендира тие законодавни иницијативи, пред се предлог законите на РС за избори, референдуми, имунитет и т.н. странски агенти. Европската унија ја нагласува обврската за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок, вклучувајќи ги и одлуките на Уставниот суд на БиХ како и меѓународниот субјективитет на БиХ. Секое дејствие против тие принципи доведува до сериозни последици, на кои Европската унија веќе несомнено укажа“, се вели во соопштението. 

Истовремено, Американската амбасада во Сараево преку специјално соопштение предупреди дека за актуелните проблеми во БиХ е одговорен Додик, а не меѓународната заедница и дека никој не е толку наивен да верува во обвинувањата на Додик. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан