• петок, 17 мај 2024

ЕК одвои над 65 милиони евра за помош на четири земјите членки за згрижување на бегалците од Украина 

ЕК одвои над 65 милиони евра за помош на четири земјите членки за згрижување на бегалците од Украина 

Брисел, 18 декември 2023 (МИА) - Европската комисија донесе одлука да им стави на располагање над 65 милиони евра на Бугарија, Полска, Романија и Чешка за поддршка во напорите за згрижување на лицата кои во овие земји побегнале  од руската агресија врз Украина. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, средствата одвоени од Фондот за азил, миграција и интеграција (АМИФ) се наменети за финансирање на проекти кои имаат за цел да го ублажат притисокот врз капацитетите за згрижување на бегалците на земјите членки и да им помогнат во обезбедување на соодветна поддршка, услуги и помош на лицата опфатени со мерките за привремена заштита.  

Во Европската Унија во моментов се згрижени над 4,1 милиони лица кои имаат статус на привремена заштита, мерка која беше активирана непосредно по руската инвазија врз Украина и која во септември годинава беше дополнително продолжена до март 2025 година.  

Согласно новата одлука Бугарија, Полска, Романија и Чешка сега можат да ги искористат овие дополнителни средства од буџетот на ЕУ за да им помогнат на бегалците од Украина да бидат префрлени од колективните центри за сместување во приватни станови, како и за финансиска поддршка за нивна јазична и стручна обука и за користење на социјалните и здравствените услуги. 

Агенциите на земјите членки, граѓанските здруженија ангажирани за згрижување на овие лица и меѓународните организации веќе од денеска ќе можат да почнат со спроведување на проектите финансирани со овие дополнителни средства.  

Финансирањето на проектите, како што посочи Европската комисија, ќе биде предмет на соодветен мониторинг и контрола од страна на институциите на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан