Египет предложи нов план за прекин на огнот во Газа
- Според медиумските извештаи, планот вклучува итен прекин на огнот, по што би следеле преговори за временска рамка за ослободување на преостанатите заложници што ги држи Хамас. За возврат, израелската армија би се повлекувала во фази од Појасот Газа.

Каиро, 24 март 2025 (МИА) - Египет претстави нов предлог за прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас во Појасот Газа, јавија денеска катарските медиуми.
Според катарскиот портал Ал-Араби ал-Џадид, кој се повикува на „информирани извори“ во Египет, предлогот предвидува постепено повлекување на израелските сили од Газа и веќе е доставен до двете страни, пренесува ДПА.
Претставник на Хамас за агенцијата ДПА потврди дека организацијата го примила предлогот, но засега нема официјален одговор од Израел.
Според медиумските извештаи, планот вклучува итен прекин на огнот, по што би следеле преговори за временска рамка за ослободување на преостанатите заложници што ги држи Хамас. За возврат, израелската армија би се повлекувала во фази од Појасот Газа.
Дополнително, Хамас би бил обврзан да достави точни информации за преживеаните заложници, како и за телата на загинатите, поткрепени со фотографии.
Претходните обиди на посредниците да обезбедат продолжување на примирјето пропаднаа, по што Израел минатата недела ги обнови воздушните напади врз територијата. ссм/
фото: архива