• сабота, 29 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мицотакис: Ако некој нема право на азил во Грција, ќе направиме сè што можеме за да го вратиме во земјата на потекло

Мицотакис: Ако некој нема право на азил во Грција, ќе направиме сè што можеме за да го вратиме во земјата на потекло

Атина, 26 март 2025 (МИА) – Националната политика, која станува и европска политика, е едноставна: ако некој пристигне во нашата земја и има право на азил, го примаме и драго ни е ако одбере да остане и да живее во нашата земја. Но, доколку некој влезе нелегално, треба да знае дека ќе направиме сè што е во наши раце да го вратиме во земјата на потекло, посочи грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на состанокот во Министерството за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина. 

Грчкиот премиер денеска го посети Министерството, каде што по реконструкцијата на Владата пред две седмици имаше промени на министерската позиција и функцијата ја презеде Макис Воридис, а претпладнево се одржа состанок на кој стана збор за нелегалната и легалната миграција, за враќање на одбиените баратели на азил, како и за туристичките визи за турски државјани што во летниот период се издаваат на 12 грчки острови. 

Мицотакис посочи дека политичките приоритети на Владата пред сè, се однесуваат на ограничувањето на нелегалната миграција, но и на организирање на легалната миграција, на начин што ќе ги покрие недостатоците на пазарот на трудот.

За нелегалната миграција, соопшти дека во првите месеци од годинава пристигнувањата се намалиле за околу 36 отсто, што според него е „охрабрувачки податок“, додека пак за легалната објасни дека треба да ги покрива потребите на пазарот на трудот во области како што се земјоделството и градежниот сектор.

Говорејќи за политиката на враќање на оние кои немаат право на азил, нагласи дека „заложбата на Владата е да го презеде водството во европскиот дијалог за регулативата за враќање“ и уште еднаш го повтори ставот дека Атина ќе ги враќа во земјата на потекло оние кои немаат право на азил во Грција.

Дополнително се осврна и на програмата за експрес туристички визи за турските посетители на островите во источниот дел на Егејското море, а сега на десетте постоечки острови се додаваат и Патмос и Самотраки.

- Мислам дека економскиот отпечаток на оваа иницијатива беше веќе исклучително забележлив минатата година и мислам дека оваа иницијатива, која сакам да нагласам е исклучок од основните Шенген правила, ќе даде значаен придонес и оваа година. Мислам дека оваа иницијатива ќе биде многу важна за понатамошна поддршка на островите во источниот дел Егејското Море, кои всушност понесоа историски тежок товар во управувањето со миграцискиот проблем, истакна Мицотакис.

Новиот министер за миграција и азил на Грција Макис Воридис рече дека по повод промената на политичкото раководство во Министерството, имале можност на денешниот состанок да разговараат за првичните размислувања и основното планирање на работата, но и дека „приоритетите за следниот период се поврзани со справувањето со нелегалната миграција, што има и важна европска димензија, бидејќи новата европска регулатива за враќањата е во фаза на преговори. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан