• вторник, 02 јули 2024

Египет доби позитивни сигнали од Хамас за потенцијално примирје со Израел

Египет доби позитивни сигнали од Хамас за потенцијално примирје со Израел

Каиро, 6 јуни 2024 (МИА) - Египет доби „позитивни сигнали“ од палестинскиот Хамас за потенцијално примирје со Израел во Појасот Газа, изјави висок владин функционер цитиран од Ал Кахра њуз, кој е близок до египетската разузнавачка служба, јави Бета.

Изворот најави дека „Хамас ќе го претстави својот одговор на предлогот за прекин на огнот во наредните денови“, додавајќи дека Египет, заедно со САД и Катар, ги водат преговарачките напори за да ги натераат сите страни да го прифатат планот за прекин на огнот претставен минатата недела од американскиот претседател Џозеф Бајден.

Истиот функционер рече и дека „лидерите на Хамас ги информирале дека сериозно и позитивно го разгледуваат предлогот за прекин на огнот“ и дека позитивните сигнали укажуваат на аспирациите на Хамас за прекин на огнот.

Лидерите на Хамас се поканети во Каиро „да разговараат за сите детали поврзани со моменталната ситуација“, изјави истиот извор.

Планот предвидува шестнеделен прекин на огнот, проследен со израелско повлекување од густо населените области на Газа, ослободување на некои заложници држени на палестинска територија, особено жени и болни и палестински затвореници од израелските затвори.

Претходно денеска саудиската информативна веб-страница „Сауди Ашрак“ објави дека Хамас ја одбил понудата, но дека Израел допрва треба да добие официјален одговор. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан