• среда, 23 октомври 2024

Пратениците на албанската ДП утре ќе протестираат пред Европскиот парламент

Пратениците на албанската ДП утре ќе протестираат пред Европскиот парламент

Тирана, 22 октомври 2024 (МИА) - По протестите во Албанија и предизвиканиот хаос и насилство во  Парламентот на Албанија, утре пратениците од албанската опозиција ќе протестираат пред Европскиот парламент во Стразбур, истиот ден кога ЕП заседава на пленарна седница, објавија медиумите.

Според партиски извори на свој трошок ќе отпатуваат најмалку 30 пратеници, кои, се очекува да бидат поделени во две групи.

Едната група пратеници ќе влезе во Европскиот парламент на средби со европратениците на кои ќе ги информираат за состојбата со опозицијата во Албанија, а другата група ќе биде на протест пред  Европскиот парламент со транспаренти во рацете.

-Ова е првпат пратеници Албанци да се организираат на протести пред Европскиот парламент. Демократите на овој чекор се одлучија по пресудата на нивниот колега Ервин Салијањи  на 1 година затвор за лажна пријава во досието „Бабале“, наведуваат медиумите.

Пратениците од опозицијата ќе го пренесат барањето  за техничка влада, ослободување на Салијањи и укинување на мерката домашен притвор на Сали Бериша, за кои сметаат дека се неправедна и политички мотивирани. вт/
 

 


 


 

Остани поврзан