• понеделник, 06 мај 2024

Европскиот совет ги утврди позициите на ЕУ за Конференцијата за климата во Дубаи 

Европскиот совет ги утврди позициите на ЕУ за Конференцијата за климата во Дубаи 

Брисел, 18 октомври 2023 (МИА) - Европскиот советот усвои заклучоци со кои се утврдуваат генералните позиции на преговарачите на ЕУ за претстојната Конференција за климата, што од 30 ноември до 12 декември 2023 година ќе се одржи во Дубаи, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Во заклучоците се нагласува силната посветеност на ЕУ за финансирање на заштитата на климата, но во нив не е посочена точната цифра на придонесот на Унијата кон таа цел, туку е оставено сумата да ја утврди Европската комисија кон средината на ноември. 

Како што соопшти Европскиот совет, ЕУ и нејзините земји членки имаат најголем придонес во светот во меѓународните јавни фондови за заштита на климата, при што од 2013 година, па досега, Унијата повеќе од двојно го зголеми обемот на средства што ги одвојува за поддршка на климатски активности во државите во развој. 

Советот во заклучоците ја нагласува посветеноста на поставената цел развиените земји заеднички да мобилизираат по 100 милијарди американски долари годишно за финансирање на заштитата на климата до 2025 година, при што се изразува очекување оваа цел првпат да биде исполнета оваа година. 

Европската Унија заедно со 197 држави од целиот свет е потписничка на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦЦ) и секоја година учествува на Конференциите на страните потписнички на Конвенцијата (ЦОП), на кои е претставувана од Еврокомисијата и земјата актуелен претседавач со Советот на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан