• сабота, 18 мај 2024

Европратеник: Хрватска е на дното во ЕУ по родова еднаквост

Европратеник: Хрватска е на дното во ЕУ по родова еднаквост

Загреб, 9 ноември 2023 (МИА) - Според Индексот за родова еднаквост за 2023 година, Хрватска е значително под просекот на Европската Унија, предупреди европратеникот Предраг Фред Матиќ.

Индексот за родова еднаквост е повеќедимензионален индикатор кој го мери концептот на родова еднаквост и помага да се следи напредокот на полето на родовата еднаквост низ ЕУ, се вели во изјавата на хрватскиот претставник во Европскиот парламент.

Хрватска има 60,7 поени од 100, што е значително помалку од просекот на ЕУ од 70,2 поени, предупреди пратеникот во Европскиот парламент од редот на социјалистите и демократите.

Листата ја предводат Шведска, Холандија и Данска, додека Хрватска е на 20-то место и е 9,5 поени под просекот на ЕУ, пренесува ХРТ.

Како главни проблеми се истакнува родовата нееднаквост во политичкото учество, каде што има многу мал процент на министерки, како и областите како што се неплатените домашни работи и грижата за членовите на семејството.

Хрватска не прави доволно за да постигне целосна родова еднаквост и во многу области стагнираме или уназадуваме. Не сум задоволен затоа што Хрватска падна уште пониско отколку што беше во претходните години, од 19. на 20. место на рангирањето и сме меѓу најлошите во Европската Унија, рече Матиќ, повикувајќи на мерки за нејзино подобрување.

Жените сè уште се соочуваат со многу пречки, а особено загрижува тоа што жените се сè уште непропорционално застапени во неплатената домашна работа и на несигурни работни места. Тоа мора да се промени, истакна европратеникот. ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан