• недела, 19 мај 2024

Делчево, Берово и Пехчево изработуваат нова стратегија за родова еднаквост

Делчево, Берово и Пехчево изработуваат нова стратегија за родова еднаквост
Делчево, 17 октомври 2022 (МИА) - Комисиите за еднакви можности на општините Берово, Пехчево и Делчево почнаа со подготовителни активности за изработка на новата стратегија за родова еднаквост. Стратегијата, како што информираа од Општина Делчево, ќе биде документ кој треба да помогне во јакнење на капацитетите за родова еднаквост во трите општини преку унапредување на состојбата со родовата еднаквост меѓу жените и мажите.
-За таа цел претставници на трите општини викендов во Струмица учествуваа на дводневната обука, која имаше за цел да се зајакнат капацитетите на членовите на Комисијата за еднакви можности, како и на координаторите и заменик-координаторите, како фактор за сензибилизирање на граѓаните за родовата еднаквост, како чинител на локалниот економски и општествен развој, истакнаа од Општина Делчево.
Како дел од изработката на новата стратегија, во наредниот период активностите на Комисиите за еднакви можности на општините Делчево, Берово и Пехчево ќе бидат насочени кон четири сфери на делување.
-Првата сфера од родовиот концет ги опфаќа човековите права и родовата еднаквост во областите политика, родово базирано насилство, економија, на второ место е партиципацијата во креирањето и имплементација на локални и јавни политики, трета е едукацијата на населението за родовата еднаквост и еднаквите можности на мажите и жените, а четвртата и последна сфера на делување ќе биде во насока на институционалниот развој и организациско јакнење на комисиите за еднакви можности во регионот, додадоа од Општината.
Активноста се реализира во рамки на проектот „Стој цврсто за родова еднаквост“ во организација на НВО „КХАМ“, а финансиски поддржан од фондацијата „Квина тил Квина“. вс/мд/

Остани поврзан