Две главни велешки улици од еднонасочни станаа двонасочни, централната улица наскоро ќе биде шеталиште во лето од 18 до 03 часот
- Општина Велес со добиена согласност од МВР, од изминатиот викенд двете велешки централни улици „Гоце Делчев’ и „Страшо Пинџур“ од еднонасочни ги пренамени во двонасочни. На нив е поставена сета хоризонтална и вертикална сигнализација согласно законска регулатива и потребата за уредување на сообраќајот и на безбедноста во сообраќајот.
Велес, 12 вгуст 2024 (МИА) - Општина Велес со добиена согласност од МВР, од изминатиот викенд двете велешки централни улици „Гоце Делчев’ и „Страшо Пинџур“ од еднонасочни ги пренамени во двонасочни. На нив е поставена сета хоризонтална и вертикална сигнализација согласно законска регулатива и потребата за уредување на сообраќајот и на безбедноста во сообраќајот.
Улицата „8 Септември“ во најстрогиот центар на Велес од кај Фонтаната до споменикот на Коњаникот која како и досега и понатаму останува еднонасочна, наскоро по завршување на градежните работи кои се во тек, истата улица од 18 до 03 часот по полноќ ќе биде пешачка зона односно целосно ќе биде забранет сообраќајот по неа, освен на возилата за итна помош, пожарна и полиција и автобусите на градскиот превоз. Оваа забрана ќе важи во месеците јуни, јули и август, информира за МИА, Славче Велков од одделението за сообраќај на Општина Велес.
Појасни дека во периодот од 03 часот до 18 часот улицата „8 Септември“ ќе биде отворена за сообраќај за сите возила, а во останатите месеци од годината повторно ќе биде еднонасочна за сите возила.
Како што информира Велков, улицата „8 Септември“ ќе биде пренаменета во пешечка зона навечер, а откако ќе бидат целосно завршени градежните работи на тротоарите од левата и десната страна, кои се уште се во тек. Оваа улица по целосно обележување со хоризонтална и вертикална сигнализација, ќе има обележано и велосипедска патека и една лента за возилата. Ако градежните работи не завршат во текот на овој месец-август, улицата наместо оваа лето, пешачка зона ќе стане идното лето 2025, во месеците јуни, јули и август.
Инаку централното градско подрачје во Велес целосно се реконструира со европски пари преку Европската банка за обнова и развој каде еден од условите на проектот беше централното градско подрачје да биде пешачка зона.
Отворањето на пешачка зона и пренамената на улиците од двонасочни во еднонасочни е во согласност со Проектот за централното градско подрачје на Велес, а кој советот на општината во претходен мандат го усвои во 2017 година.аа/са/
Фото: Општина Велес