• сабота, 18 мај 2024

Грција ќе постави 7,3 милиони паметни броила на електрична енергија

Грција ќе постави 7,3 милиони паметни броила на електрична енергија

Атина, 7 ноември 2023 (МИА) – Набавка и поставување на 7,3 милиони паметни броила за струја на сите потрошувачи на низок напон во Грција, предвидува проектот за модернизација на инфраструктурата за пренос на енергија, финансиран од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за кој денеска беше потпишан договор меѓу потпретседателот на ЕИБ и извршниот директор на грчкиот оператор за пренос на енергија, а во присуство на премиерот на земјата Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина. 

Како што информираа од грчката Влада, проектот, од една стана ќе придонесе за дигитална трансформација на мрежата и за постигнување на поставените цели во рамките на ЕУ за заштита на животната средина, а од друга страна ќе им овозможи на потрошувачите, преку паметните броила во реално време да ја следат употребата на електрична енергија.

Вкупниот буџет на проектот е 1,2 милијарди евра, од кои 150 милиони евра ќе бидат покриени од средствата на Европската инвестициска банка, поддржувајќи ја првата фаза на замена на старите броила.

На потпишувањето на договорот му претходеше средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со претседателот на Европската инвестициска банка Вернер Хојер, кои разговарале за „можностите за дополнително проширување на соработка на Грција со ЕИБ, за позитивниот тек на грчката економија и нејзините перспективи, како и за потребата за справување со последиците од климатската криза, како на ниво на превенција, така и на ниво на прилагодување“.

Грчкиот премиер рече истакна дека со договорот, односно со паметните броила, домаќинствата ќе имаат многу подобра контрола на нивните сметки и ќе бидат во позиција да заштедат пари.

Претседателот на Европската инвестициска банка рече дека надградбата на мрежите за електрична енергија е апсолутно неопходна за да се овозможи инсталирање на нови обновливи извори на енергија, за зголемување на ефикасноста, но и „апсолутно неопходна и од витално значење за намалување на сметките за енергија за граѓаните“. ср/ссм/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан