• четврток, 14 ноември 2024

Градинката „Пепелашка“ во Општина Центар доби фотоволтаична централа

Градинката „Пепелашка“ во Општина Центар доби фотоволтаична централа

Скопје, 23 август 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес - конференција по повод пуштање во употреба на фотоволтаична централа на покривот на градинката ЈУДГ „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот „Пепелашка“ која е како донација од страна на компанијата „Окта“ АД Скопје, изјави дека ова е првиот објект во општината на чиј покрив е поставена ваква централа.

- Станува збор за донација на фотоволтаична централа со вкупна инсталирана моќност од 20,5 киловати што според анализите треба да ги задоволи потребите на градинката и во зимскиот период од годината. Покрај донацијата, компанијата „Окта“ ги презема и трошоците за подготовка за потребните дозволи и решенија за изведба на проектот и инсталација на самата централа, истакна Герасимовски.

Додаде дека со новата фотоволтаична централа значително ќе се намалат трошоците на електрична енергија на градинката што ќе овозможи повеќе средства да се вложат во одржување на високиот квалитет на услугите за згрижување и едукација на децата.

Исто така ги покани и останатите компании да го следат овој пример и да помогнат во реализација на плановите на општината за постигнување поголема енергетска ефикасност на сите јавни објекти, додавајќи дека токму за поставување на фотоволтаичната централа Општина Центар неодамна го основала и трговското друштво „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија.

Компанијата ОКТА ја реализраше оваа донација, како дел од активностите во обележувањето на 45-годишниот јубилеј на компанијата.

Директорот за енергетско планирање и развој на компанијата „Окта“, Ристо Јаневски, рече дека не се работи само за обичен систем, туку е интегрирано поврзан со дистрибутивниот систем на ЕВН.

- Тоа значи дека овој систем ќе произведува електрична енергија, таа електрична енергија ќе се троши најпрво во самиот објект, додека вишоците што ќе се произведуваат ќе излегуваат во мрежата, а понатаму тие ќе се компензираат со ЕВН со останатата електрична енергија, истакна Јаневски.

Додаде дека ова не е единствениот проект којшто оваа компанија ги започнува токму оваа година кога слави 45 години од нејзиното постоење и информираше дека имаат уште еден проект со Општина Центар, а тоа е универзитетскиот кампус на општествени науки каде што се изработува полнач за мобилни телефони, лаптопи, тротинети и слично и рече дека уште два проекти со Општина Охрид и Општина Илинден со во завршна фаза. сх/са/

Фото: МИА, Општина Центар

Остани поврзан