• вторник, 14 мај 2024

Гостиварските комуналци го тестираат новиот резервоар за водоснабдување

Гостиварските комуналци го тестираат новиот резервоар за водоснабдување

Гостивар, 10 февруари 2024 (МИА) – Почнаа последните проверки и тестирање на системот на новиот резервоар кој ќе обезбеди непречено снабдување со вода за пиење на корисниците во општина Гостивар. Од ЈП „Комуналец“ информираат дека минатата недела завршила инсталацијата на опремата во објектот што се наоѓа во атарот на селото Здуње.

Првичните резултати од тест периодот се задоволителни и се очекува наскоро да се стави во редовна употреба.

Директорот на ЈП „Комуналец“, Фатон Биљали очекува низа поволности од новиот резервоар како што се зголемување на капацитетот на водоводната мрежа и намалување на дефектите на водоводните линии.

- Конечно дојдовме до крајот на проектот SECO 2 чија најкрупна инвестиција беше резервоарот со капацитет од над 5,6 милиони литри (5.600 м3). Со него ќе обезбедиме непречено и редовно водоснабдување за корисниците во градот и околните населби. Задоволни сме од тестирањата и очекувам набрзо да биде ставен во употреба, рече Биљали.

Новиот резервоар кој има две комори според капацитетот е најголем во земјава, се градеше две години и завршен е во рокот. За него се потрошени околу два милиони евра. Средствата се обезбедени преку проект на Швајцарскиот секретаријат за економска поддршка – СЕКО со вкупна вредност од седум милиони евра. Со овие пари предвидено е да се изградат уште два помали резервоари за околните села кои се приклучени на водоводниот систем и водоводни линии со должина од над 20 километри.згм/бт/

фото: МИА

Остани поврзан