• вторник, 16 јули 2024

Герасимовски до Град Скопје: Преполните контејнери се потенцијална зараза, чистете ги навреме

Герасимовски до Град Скопје: Преполните контејнери се потенцијална зараза, чистете ги навреме

15 јули 2024 

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го повикува Град Скопје редовно да го чисти ѓубрето во општината особено за време на високите температури. Герасимовски алармира дека вреќи и купишта ѓубре има на многу делови во општината од кои се шири неподнослива миризба.

„Вреќи и куп ѓубре околу контејнерите не само што е лоша слика за гледање туку на овие високи температури тоа е потенцијална зараза и неподнослива смрдеа. Минатото лето сите бевме сведоци на иста ваква слика па бевме принудени сами да си ангажираме механизација и покрај локалните улички чистевме и онаму каде тоа требаше да го направи градот. Да не дозволиме оваа слика да не прогонува секое лето. Замолувам за редовно чистење и миење на улиците. Граѓаните ниту имаат каде да поминат ниту можат прозорци да отворат во вечерните часови. Тие не го заслужуваат ова“, алармира Герасимовски.

Општина Центар често добива поплаки од граѓаните за преполни контејнери на локации кои се во надлежност и ингеренции на Градот Скопје, а не на општината. Цистерната на општинското претпријатие ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ секое утро ги мие улиците, а општинските служби секојдневно метат во различни населби, денеска косат трева и собираат смет во населбата Крњево и околу Зелениот пазар. Општина Центар апелира, градот да си направи системско решение за навремено извршување на обврските според ингеренциите. Граѓаните редовно плаќаат сметки и заслужуваат чиста средина.

Општина Центар

Остани поврзан