• сабота, 18 мај 2024

Вучиќ: Пријатели, добредојдовте на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“

Вучиќ: Пријатели, добредојдовте на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“
Белград, 31 август 2022 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска им посака добредојде на учесниците на претстојниот меѓународен саем Винска визија на Отворен Балкан, што почнува утре во Белград, нагласувајќи дека тоа е можност сите гости на вистински начин да го запознаат Балканот. - Драги пријатели, ве очекуваме на најдобриот настан за оваа година - саемот Винска визија на Отворен Балкан! Белград го отвори своето срце за сите гости кои во наредните денови на вистински начин ќе го запознаат нашиот Балкан и најдоброто што има да го понуди. Добредојдовте во Белград, наведе српскиот претседател на Инстаграм. Претседателот Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски утре ќе присуствуваат на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан, што ќе трае до 4 септември. Саемот се одржува под покровителство на владите на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија, а се очекува да присуствуваат над 332 излагачи од 22 земји од кои 160 излагачи од Србија, 26 од Албанија, додека 43 винарии и три дестилерии ќе дојдат од Северна Македонија. Покрај земјите-членки на Отворениот Балкан, се очекуваат изложувачи и од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка и други земји. Со оглед дека и храната ќе биде во фокусот, како вид традиција, ќе има по пет мастер шефови од Северна Македонија, од Србија и од Албанија, како и специјален гостин изненадување. На манифестацијата ќе има купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот. Вкупно 300 метри квадратни, се резервирани за туризмот. об/ми/

Остани поврзан