Во Штип трибина за мајчиниот јазик
- Професорите, студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) и учениците од штипската Гимназија „Славчо Стојменски“-Штип денеска го одбележаа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Универзитетската професорка, Ана Витанова Рингачева од Филолошкиот факултет при УГД-Штип вели дека поводот за организирањето на јазичната работилница е 21 февруари, кој од страна на УНЕСКО пред 25 години е прогласен за Меѓународен ден на мајчиниот јазик.

Штип, 20 февруари 2025 (МИА) - Професорите, студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) и учениците од штипската Гимназија „Славчо Стојменски“-Штип денеска го одбележаа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Универзитетската професорка, Ана Витанова Рингачева од Филолошкиот факултет при УГД-Штип вели дека поводот за организирањето на јазичната работилница е 21 февруари, кој од страна на УНЕСКО пред 25 години е прогласен за Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
Таа посочува дека целта им е на младите да им ја доближат идејата оти благодарение на јазиците правиме поврзување со другите култури, кои навидум ни се далечни. Витанова-Рингачева истакна дека со мајчиниот јазик можеме да се претставиме во светот, како различни од нив, но доближувајќи се културно можеме да најдеме многу сличности. Таа истакна дека мајчиниот јазик, мора да се негува посебно во време кога децата подобро го владеат англискиот, од македонскиот јазик. Инвазијата од странски зборови и користењето на модерната технологија се основните причини поради кои многу од децата ги немат совладано основните стандарди на јазикот. Затоа е потребна постојана корекција и во училишните, но и во домашните средини.
-Се соочуваме со голема инвазија на зборови од англискиот јазик, но тоа е јазик преку кој функционира глобалниот свет и ние не можеме целосно да ги изолираме децата, но мораме барем да ги корегираме и таму кадешто имаме убави наши зборови, да може да ги употребуваат, рече Витанова-Рингачева.
Сузана Мицева книжевник вели дека на светот да му ја покажеме вистинската вредност на богатиот македонски јазик и книжевност, потребна е да се вложува во млади преведувачи, кои ќе бидат идни амбасадори на македонскиот пишан збор.
-Постоењето на квалитетни и млади луѓе кои ќе бидат наши јазични амбасадори, е всушност едно вложување во промовирањето на македонската книжевност и една потврда дека ние сме рамо до рамо, со европските книжевници, вели Мицева.
Универзитетската професорка од Филилошкиот факултет при УГД на катедрата за странски јазици на денешната работилница рече дека со помош на странските јазици, ние можеме културно да се натпреваруваме во светски рамки. На катедрата по македонски јазик на УГД-Штип на прв и втор циклус студираат над 50 студенти. вдј/сст/
Фото: МИА