• петок, 21 февруари 2025

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставнички на „Македонија 2025"

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставнички на „Македонија 2025

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска разговарала со Никица Мојсовска-Блажески, главна извршна директорка на „Македонија 2025" за зајакнување и продлабочување на односите со дијаспората.

Како што соопшти Кабинетото на Сиљановска-Давкова, директорката ја запознала претседателката за концептот на самитот „Македонија 2025", како ретка можност за вмрежување, остварување нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.

-Соговорничките се согласија дека дијаспората треба и може да биде важен фактор и актер во македонската економија, политика, образование, наука, култура и спорт. Тие укажаа на потребата од интегрирање на дијаспората во сите македонски сфери и процеси. Директорката ја поздрави идејата за формирање Национален совет за дијаспора којшто треба да обединува различни профили и престижни и докажани личности, изразувајќи спремност за соработка. Беше истакната нужноста од создавање и креирање на интегрирана база на податоци, односно регистар на најуспешните, се наведува во соопштението. 

Претседателката и директорката се согласни дека воспоставување интензивни врски на дијаспората со Социјално-економскиот совет во владата, а особено со Агенцијата за иселеништво, е од исклучително значење за успешна комуникација.

-Обете сметаат дека дебирократизацијата на постапките за добивање македонски патни исправи и други документи, како и подобрувањето на дипломатско-конзуларните услуги, се неопходен чекор за континуирана комуникација на татковината со дијаспората. Исто така, комплетирањето на регистрите на најуспешните и светски афирмираните ќе обезбеди увид во драгоцениот социјален капитал што го имаме во дијаспората, неопходен за предизвиците неразделни од дигиталната трансформација и вештачката интелигенција. Според нив, време е за изразување должна почит преку доделување титули и награди за извонредност и заслуги за татковината на оние кои придонеле за нејзината неспорна афирмација ширум светот, соопшти Кабинетот за средбата. 

Претседателката изразила подготвеност да биде и годинава покровителка на „Охрид камп за високотехнолошка извонредност" за деца од земјава и од дијаспората, „со искрена желба да ја поддржи нивната креативност, ум, знаење и иновација“. хс/ев/ 

Фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија 

Остани поврзан