• петок, 21 јуни 2024

Во хидроакумулациите во струмичко има доволно вода, единствено од „Водоча“ ќе се наводнува два пати неделно

Во хидроакумулациите во струмичко има доволно вода, единствено од „Водоча“ ќе се наводнува два пати неделно

Струмица, 13 јуни 2024 (МИА) - Во хидроакумулациите во Струмичко има доволно вода за пиење и наводнување, но заради помалото ниво единствено од акумулацијата „Водоча“ е воведена рестрикција за наводнувањето, односно само два пати во неделата ќе се пушта вода до посевите.

Според последните мерења, двете најголеми брани „Турија“ и „Водоча“ се половина полни.

-Во „Турија“ имаме 31 милиони кубни метри вода од вкупно 50, а во „Водоча“ има 11 милиони од вкупен капацитет од 26 милиони кубни метри вода. Размислуваме да го запреме и наводнувањето од помалата акумулација „Иловчанка“ за посевите од регинот на Општина Босилово, бидејќи нејзина примарна цел е да служи за водоснабдување на жителите од седум населени места, информира Лазо Ѓоргиев, директор на АД Водостопанство на Македонија-Подружница „Струмичко Поле“, Струмица.

Додава дека двете помали акумулации „Маркова река“ и „Новоселка“ се полни и и од нив водата може да се користи за наводнување.

Според Ѓоргиев, со вкупните количини вода, посебно во браната „Турија“, не е доведено во прашање редовното снабдување на градот со вода, но сепак апелира на рационално трошење и водата да не се употребува за полевање.

И од струмичкото комунално претпријатие апелираат до граѓаните заради високите температури водата за пиење да се користи рационално и да се избегнува полевање на дворови и миење на површини.

Инаку, во струмичко од акумулаците се наводнуваат површини од околу 2 илјади хектари. рт/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан