• недела, 22 декември 2024

Со можност за поклонение пред моштите на светителката, ќе се одбележи патронот на црквата „Света Петка“ во Дебар

Со можност за поклонение пред моштите на светителката, ќе се одбележи патронот на црквата „Света Петка“ во Дебар

Дебар, 25 октомври 2024 (МИА) - Дебарските верници в недела ќе го одбележат патронот на црквата „Света Петка“, со можност да се поклонат пред моштите на светителката.

- Црковниот одбор при храмот „Света Петка“ во Дебар има чест со сите да ја сподели радоста за доаѓањето на чесните мошти на светата Параскева во нашиот град, токму на денот на нејзиниот празничен спомен, 27 октомври 2024 лето Господово, објави Одборот.

Моштите ќе бидат поставени за поклонение во дебарскиот храм посветен на светата Параскева уште на самата Утрена богослужба, која ќе започне во 7:30 часот.

-Овие мошти верно се чуваат од страна на Пречистанското сестринство, од  манастирот „Света Богородица – Пречиста“ или Крнински манастир кај Кичево, кое со благослов на нашиот надлежен владика, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, благоизволија да го збогатат празничниот спомен со оваа голема светиња, за поткрепа на верните дебрани, се додава во објавата.

Божествената литургија со која ќе чиноначалствува игуменот на Бигорската свештена Обител, епископот г. Партениј, во сослужение со бигорските јеромонаси и архијерејскиот намесник, отец Миле Ангеловски, ќе почне во 8:45 часот.

-Ги покануваме сите верни дебрани и останати празникољупци да земат учество во ова големо торжество и да се поклонат на моштите на светата Параскева, стекнувајќи го нејзиниот штедар благослов, стои во објавата.

Бидејќи празникот е во неработен ден се очекува да присуствуваат и дебрани по потекло, кои живеат во други градови во државава. 

Црквата се наоѓа во центарот на градот, во близина на градската болница, изградена е во 14 век, била обновена во 19 век, а реновирана во 1913 година и по катастрофалниот земјотрес, што во ноември 1967 година го погоди градот.

Во дворот на црквата е сместено и седиштето на Дебарската парохија.  вт/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан