• недела, 19 мај 2024

Во февруари бесплатна посета на спомен-куќата на херојот Христијан Тодоровски-Карпош

Во февруари бесплатна посета на спомен-куќата на херојот Христијан Тодоровски-Карпош

Куманово, 1 февруари 2024 (МИА) - Националната установа Музеј Куманово во чест на 80 години од смртта на народниот херој Христијан Тодоровски - Карпош ги отвора вратите за сите посети во спомен-куќата посветена на кумановскиот херој, соопштија денеска од Музејот.

Во февруари посетата на спомен-куќата ќе биде бесплатна и со обезбеден водич од установата.

-На 7 февруари годинава, одбележуваме 80 години од смртта на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош. Во рамките на овој јубилеј го посветуваме месецот февруари на овој истакнат борец, револуционер и народен херој. Куќата-музеј на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош, по тој повод ги отвора вратите за сите граѓани кои во актуелниот месец ќе можат бесплатно да ја посетат постојаната историска поставка. Постојаната поставката во куќата-музеј може да ја посетат сите, ученици, професори, граѓани од понеделник до петок, од 10-14 часот, со претходна најава во Музејот, кој ќе обезбеди кустос, изјави директорката на Музејот, Марија Миљуш Божурска.

Куќата-музеј на Христијан Тодоровски-Карпош била отворена на 4 јули 1979 година. Претходните години, во 2018 и во 2019 година со средства обезбедени од Министерството за култура, спомен-куќата беше реновирана, а музејската поставка беше обновена со значајни историски експонати.

Христијан Тодоровски - Карпош за народен херој бил прогласен на 29 јули 1945-та година и тој е еден од осумте народни херои на Куманово. ам/мд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан