• четврток, 09 мај 2024

Во Скопје Меѓународен симпозиум за отпорни конструкции

Во Скопје Меѓународен симпозиум за отпорни конструкции

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) – „Отпорни конструкции“ е темата на најголемиот настан од областа на градежништвото во нашата држава во 2023 година - 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ) што денеска се одржува во Скопје.

Годинава се одбележува 60-годишнината од Скопскиот земјотрес, настан кој означува пресвртница во македонското, но и европското градежно конструкторство. Токму Симпозиумот на ДГКМ ќе овозможи рефлексија на целокупното стекнато и применето знаење во изминатите шест децении во областа на асеизмичкото проектирање, но и дискусија за предизвиците кои ни претстојат. Во фокусот на Симпозиумот ќе бидат и глобалните предизвици поврзани со климатските промени и ефектите кои тие ги имаат врз конструкциите, опфаќајќи ги концептите на робустност, приспособливост, одржливост, трајност, долготрајно менаџирање и доверливост на конструкциите. 

-Денеска го славиме јубилејниот 20-ти Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија, друштво со најдолга континуирана традиција и најбројно од областа на градежништвото, славиме и 74 години од основањето на Градежен факултет и ја одбележуваме 60-годишнината од Скопскиот земјотрес. Најважно од се е дека денес го прославуваме градежништвото како струка, изјави Дарко Наков, претседател на ДГКМ пред почетокот на Симпозиумот.

Нагласи дека ДГКМ е друштво кое ги обединува сите градежни конструктори и останати инженери, архитекти, урбанисти.

-После Скопскиот земјотрес во Скопје на конференција е формирана Европската асоцијација за земјотресно инженерство. Скопје е важен како град, бидејќи тука е имплементирана првата базна изолација на објект во светот. Токму тоа се моментите кои сакаме денеска да ги одбележиме, потенцира Наков.

Горан Марковски декан на Градежниот факултет во Скопје истакна дека денеска се одбележуваат 74 години од формирањето на Градежниот факултет во Скопје како членка на УКИМ. Тоа, како што кажа, е најстариот технички факултет и еден од најстарите воопшто формирани факултети во земјава.

-Тоа не е случајно затоа што земјата разорена после Втората светска војна имала потреба од брза обнова и изградба на цела инфраструктура. Градежниот факултет има значајна улога во развојот на стопанството во развојот на општеството во државата и оттаму ние се обидуваме постојано да бидеме во тек со сите нови работи, со сите нови проблеми кои произлегуваат од нашето живеење. Во моментов сведоци сме дека започнуваат сериозни проблеми предизвикани од климатските промени и оттаму и темата на овој Симпозиум е отпорни конструкции, бидејќи во периодот што ни следува треба да посветиме што поголемо внимание на овој аспект на нашите градби, изјави Марковски.

Градежништвото, како што кажа, е вградено во сите пори на општеството  и оттаму дополнително загрижува се послабиот интерес за студирање на Градежниот факултет.

-Се надевам дека во периодот што следува оваа слика ќе биде изменета, посочи Марковски.

Армен Григориан од УНДП истакна дека во годината кога одбележуваме 60 години од Скопскиот земјотрес и УНДП организира сериозни настани во спомен на жртвите на земјотресот и на оние кои останаа живи и повторно го изградија градот.

-Исто така ја славиме и 74-годишнината од основањето на Градежниот факултет и затоа сметам дека е одлична можност за да разговараме за нивните постигнувања. УНДП работи во неколку насоки кои се поврзани со тоа. Неодамна започнавме нова иницијатива во делот на науката, технологијата, инженерството и математиката. Сметам дека е важна иницијатива во кај каниме млади студенти да имаат пракса и да учат за да станат лидери во нивното поле на интерес, изјави Григориан .

Нагласи дека УНДП неодамна објави регионална студија за критичната инфраструктура во која е опфатена и земјава и во која има многу интересни наоди и препораки.

Тина Вејрум, претседателката на Меѓународната асоцијација за мостови и структурно инженерство во која има членови од речиси 100 различни земји кои се занимаваат со материјали и конструкции и сите видови на заштита посочи дека очекува Симпозиумот да биде многу интересен и продуктивен.

-На Симпозиумот во Скопје има многу респектабилни претставници кои ја одбележуваат 60-годишнината од страшниот разорен земјотрес во Скопје. Симпозиумот ќе се фокусира колку многу можеме да бидеме сигурни дека нашите конструкции се јаки и способни да одолеат на земјотреси. Уште едно важно прашање на овој симпозиум е како ние градежните инженери се  справуваме со климатските промени и како ги дизајнираме нашите градби и ги подобруваме постојните градби за да се справат со нив, изјави Вејрум.

Настанот е организиран од ДГКМ, под покровителство на Министерство за транспорт и врски, а коорганизиран од Македонската национална група на IABSE (International Association for Bridge and Structural Engineering), УКИМ, Градежен факултет-Скопје, Институт за Земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Архитектонски факултет-Скопје, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Македонската асоцијација за земјотресно инженерство, Инженерската институција на Македонија, Јавното претпријатие за државни патишта, Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистрални и регионални патишта и Институтот за стандардизација. вј/лв/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан