• петок, 22 ноември 2024

Бигорски манастир: Две години литургиско и канонско единство

Бигорски манастир: Две години литургиско и канонско единство

Дебар, 9 мај 2024 (МИА) - Денеска се навршуваат две години од одлуката на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија кога нашата  Црква беше примена во литургиско и канонско единство на Православието, потсетуваат од Бигорскиот манастир во посебна објава.

- Денеска, 9 мај 2024 лето Спасителово, навршуваат точно две години од историската одлука на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, според која нашата најсвета Црква беше примена во литургиско и канонско единство со полнотата на Православието. Таа беше прифатена под нејзиното древно еклисиолошко име Охридска Архиепископија, со што фактички беше признат илјадагодишен континуитет на помесно организиран црковен живот на овие простори од времето на основањето на Архиепископијата, стои во објавата.

Ваквата одлука, се додава, што одекна како празничен ѕвон што носи благовестие, беше резултат на „молитвите, солзите и копнежот на поколенија и поколенија свештенослужители, монаси и верници, на мудрото дејствување на нашите архиереи".

- Тие уште во 2018 година побараа молба за еклитон (апелациско прибегнување) од првопрестолната Црква во Православието, на македонските државници кои ја поздравија и ѝ се приклучија на оваа молба и на, се разбира, просветлението, широчината и татковската грижа на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој заедно со своите архиереи од Вселенската Патријаршија го уважија еклитонот на нашата Црква и држава, посочуваат од Бигорски.

Оценуваат дека плодовите од оваа одлука започнаа да се покажуваат веднаш потоа, со тоа што „наши свештенослужители започнаа без проблем да сослужуваат со свештенослужители од други помесни Цркви и на тој начин да ја вкусуваат убавината од единството".

-Најнапред следеше братското помирување и сослужување со православната Црква на Србија, којашто ја препозна автокефалноста на нашата Црква. Со текот на времето, во литургиско општење со нас влегуваа и останатите помесни православни Цркви. Врачувањето, пак, на Патријаршискиот и Синодален Акт за востановување на црковното општење се случи во древниот и свет Патријаршиски, Ставропигијален Манастир на Пресвета Богородица, посветен на нејзиниот Живоносен Источник „Балаклија“, по Вечерната богослужба по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“, на 9 јуни 2022 лето Господово, се нагласува понатаму во објавата.

Се потсетува на беседата на Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј.

- Денес помеѓу нас стојат овде, во сечесниот и севидлив Католикон на нашиот свет, патријаршиски и ставропигијален манастир на Живоносниот Источник, Балаклија, Најсвештениот во Христа брат, Архиепископот Охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и Синодален Акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит, рекол меѓу другото г.г. Вартоломеј.

Архиепископот г. г. Стефан, заблагодарувајќи ѝ се на Мајката Црква во Константинопол и на г. г. Вартоломеј, меѓу другото рекол дека деветти мај " за нас ќе остане ден на духовна и народна памет, ден на благодејание, ден на чест и спомен – духовен и народен празник". вт/цр


Фото: Бигорски манастир

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан