• недела, 22 декември 2024

Османи ѝ честита на Силјановска-Давкова за победата на претседателските избори

Османи ѝ честита на Силјановска-Давкова за победата на претседателските избори

 Приштина, 9 мај 2024 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, упати честитки преку платформата „Х“ до новоизбраната претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која веднаш одговори заблагодарувајќи се и изразувајќи готовност за соработка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешната објава на „Х“, (поранешен Твитер), Османи порача дека Косово и Северна Македонија имаат одлични меѓусоседски односи и споделуваат силна посветеност на европската интеграција и додаде дека со нетрпение очекува да работи со Силјановска „за да се постигне оваа заедничка цел“.

- Честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзината победа на изборите во Северна Македонија и што стана првата жена претседател на земјата. Косово и Северна Македонија имаат одлични меѓусоседски односи и споделуваат силна посветеност на европската интеграција. Со нетрпение очекувам да работам со избраната претседателка на постигнување на оваа заедничка цел и натамошно продлабочување на односите меѓу Косово и Северна Македонија, напиша Османи.

Силјановска-Давкова одговори на „твитот“ на Османи, заблагодарувајќи ѝ се за честитката на албански и на македонски јазик.

- Почитувана Вјоса, ме радува Вашата искрена честитка. Среќна сум поради фактот дека жените во нашиот регион испишуваат политичка историја застанувајќи храбро на клучни позиции. Очекувам и понатаму да продолжиме со соработката за конечно да ја постигнеме клучната стратешка цел, евроинтеграција на целиот регион, како и да ги зацврстиме нашите односи преку една "женска" синергија, напиша Силјановска-Давкова. иа/цр

Фото: принтскрин

Остани поврзан