• сабота, 27 јули 2024

Во Прилеп одбележан меѓународниот ден на Ромите со најави за акционен план

Во Прилеп одбележан меѓународниот ден на Ромите со најави за акционен план

Прилеп, 8 април 2023 (МИА) - По повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, традиционално пред општинската зграда во Прилеп беше подигнато ромското знаме. На свеченоста присуствуваа претставници на Ромите и на повеќе невладини организации.

За да се подобрат условите за живот на ромите, општина Прилеп, заедно со претставници од Ромите, изготви локален акционен план за подобрување во сите области, домувањето, образованието, стандардите на живеење. Документот наскоро треба да го усвои советот на Прилеп. Освен тоа, за првпат ќе се донесе детален урбанистички план за нелегалните ромски населби во Прилеп.

-Веруваме дека со тој документ прилепската локална самоуправа ќе им даде посебен фокус на проблемите и на потребите на ромската заедница. Не е својствено во 21 век да ги анализираме проблемите на Ромите за прашањето за пристапот до вода за пиење, кој е универзално човеково право, како и пристапот до електрична енергија, рече Џенгис Бериша од невладината „Станица П.Е.Т.“.

Сами Ајдни од невладината „Рома перспектив“ го нагласува значењето на донесувањето на деталниот урбанистички план.

- За првпат во Прилеп се носи детален урбанистички план за 71,4 хектари површина во населбите каде што живеат ромите. Единствена цел е тие населби да станат урбани и урбано да се планираат. Тоа е врз основа на Законот за домување, смета Ајдини.

Алмир Сулејманоски, претставник на Ромската заедница ја нагласува важноста на инфраструктурата.

-Најголем акцент на кој Општината треба да стави е решавање на проблемите во инфраструктурата. Во тој дел треба најмногу да се вложува, рече Сулејманоски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески уверува дека градските власти континуирано работат на подобрување на условите за живот на ромската заедница.

 -Локалната самоуправа континуирано продолжува да се вклучува во развојот, образованието и инклузијата на ромската заедница во општеството, нагласи прилепскиот градоначалник Борче Јовчески при денешното подигање на ромското знаме на јарболот пред Општината.

Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, е одбележан и со изложбата на ликовни дела насловена „Ромска традиција и симболи“ во градската библиотека, изработени од ученици, наставници и родители во мултиетничките работилници организирани во основното училиште „Добре Јованоски“. Во ова училиште ќе се одржи и турнир во фудбал. ем/аа/

Фото: извор општина Прилеп

Остани поврзан