• недела, 22 декември 2024

Штетите од пожарите милионски, последиците врз здравјето, природата и иднината непроценливи 

Штетите од пожарите милионски, последиците врз здравјето, природата и иднината непроценливи 

Скопје, 27 јули 2024 (МИА) - Штетите од пожарите се милионски, последиците врз здравјето, природата и иднината непроценливи. Глобалното затоплување на планетата Земја секоја година ја наметнува потребата за итно, подобро и навремено организирање и координирање на надлежните институции и населението за заштита од пожари. Целта е да се спасат шумите и да се заштити животната средина, со што воедно ќе се намали и глобалното затоплување, кое го доведува во прашање и нашиот опстанок на планетата, велат за МИА познавачи на состојбите во шумарскиот сектор.

За да нема пожари во иднина и да не страдаат шумите, велат, неопходни се реформи, зголемување на противпожарната свест, зајакнување на превентивните и подготвителните мерки за заштита. Во спротивно, би изгубиле огромно природно богатство, бидејќи штетите од пожарите се ненадоместливи. 

Над 38 милиони денари изнесува вкупната штета од опожарена шума во 73 пожари од јануари до јуни годинава. Лани имало 170 шумски пожари, на 5,772.48 хектари опожарена површина, за што биле потрошени близу три милиони денари за гаснење, покажуваат податоците што за МИА ги сподели заменик-директорот на „Национални шуми“ Кире Михаилов. 

Овие штети се многу поголеми, ако се има во предвид бесценетото значење што шумите воопшто го имаат во природата. 

Во 2022 и минатата година имало вкупно 274 пожари. Кога станува збор за видот на шума опожарена во тие пожари, податоците покажуваат дека гореле лисјарска, иглолисна и мешана шума. Во 2022 година најмногу пожари по хектари се случиле во Гевгелија, Охрид, Скопје и Кичево, а лани во подружниците Кочани, Штип, Гевгелија, Прилеп, Св. Николе, Крушево, Македонски Брод, Скопје и Гостивар.

Заменик-директорот на „Национални шуми“ Михаилов појаснува дека проценките за настанатите штети од годинашните пожари ќе бидат комплетирани откога ќе се изврши контрола на терен заедно со Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

Се уште беснеат пожари во источна Русија, кои избувнаа на 217 локации и зафатија површина од 837.813 хектари.

Човечкиот фактор во 99 проценти причина за пожарите

Љубинка Попова, шумски инженер со над 30 години искуство во подружницата на Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес во изјава за МИА вели дека во 2022 година во земјава имало најмногу пожари во изминатите 10 години, но дека летово е уште покритично.

- Пожарите се гаснат во моментот кога ќе се појават, ако се испуштат, наредниот и следниот ден се веќе други методи на гаснење, при што неопходно е и гаснење од воздух со воздухоплови. Со разгорувањето на пожарот теренот најчесто е недостапен и длабоко во шума, тоа веќе е комплицирана состојба за гаснење на пожарот, на пример, како што беше пожарот на планината Серта, нагласува Попова.

Таа потенцира дека пожарот никогаш не се појавува во високите предели, туку во близина на некое населено место или пат и секогаш причинител е човечкиот фактор.

- При појава и на најмал пожар на отворено, веднаш да се мобилизира населението најитно во периодот од 30 до 40 минути и да се гаси со мотики, лопати и грибли, за да не се прошири. Но кога огнот ќе се прошири, тогаш за жал се потребни други покомплицирани методи на гаснење на големи површини, појаснува Попова.

Дека човечкиот фактор во 99 проценти е причина за пожарите, потврдува и Михаилов, кој открива дека дел од подружниците имале поднесено пријави против предизвикувачите на пожари.

Пред три години изгоре најубавата борова шума во источниот регион, се уште има места каде изгорените дрвја не се собрани

Малешевијата и Пијанечко и по три години се уште заздравуваат од големиот шумски пожар. Проценките што ги направија Државниот завод за статистика и ЈП „Национални шуми“ покажаа дека огнените јазици пеплосале 9.907 хектари во околу 150 пожари, при што констатирана е опожарена дрвна маса од дури 448.087 метри кубни. Штетите беа процените на околу 31,1 милиони евра.

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски вели дека во Малешевскиот регион изгореа висококвалитетни дрвја, што со години растеле, а штетата е огромна и непроценлива како од еколошки, така и од финансиски аспект. Почната е обнова на шумата со организирани акции за пошумување, но и по три години има места каде што изгорените дрвја не се собрани и не е исчистен теренот по големиот пожар.

- Има организарно акции за пошумување, во еден дел „Национални шуми“ и во неколку наврати, барем во делот што го покрива подрачјето на Општина Берово, неколку општествено-одговорни компании со своите вработени донесоа нови садници кои се насадени. Меѓутоа, морам да потенцирам дека тоа не се некои големи површини, наспроти она што е изгорено. Сразмерно се далеку помали на опожарената површина, но со чистењето на горената шума, што беше опожарена, ќе се создаде простор за пошување со нови насади, вели Пекевски за МИА.

Истакнува дека помошта од Словенија, Бугарија и Австрија за гаснење на пожарите во Малешевско-Пијанечкиот регион, била огромна за нашата земја.

- Тие се бореа со сиот потенцијал, за да можат да ги спасат шумите. За да се намали ризикот од шумски пожари треба да се има лично одговорно однесување и од населението и од службите што се инволвирани во заштита на шумите. Само таквото одговорно однесување ќе ги намали ризиците и ќе ја зачуваме шумата, вели Пекевски.

За пошумување на делови зафатени од пожар потребни од три до пет години

Заменик-директорот на „Национални шуми“ Михаилов појаснува дека за пошумување на делови зафатени од пожар, потребни се од три до пет години. Треба прво да се исчисти површината од пожарот, потоа да се размислува за пошумување.

- Континуирано се врши санирање на опожарените површини и се преземаат мерки за нивно пошумување на места каде што нема природна обнова. Минатите две години е извршено санирање на опожарени површини. Во 2022 година 102 хектара, а во 2023 година, 120.6 хектара пошумена опожарена површина, појаснува Михаилов во изјава за МИА.

Почна пошумувањето во атар на село Жегљане општина Старо Нагоричане, информираа денеска од кумановската подружница на ЈП „Национални Шуми. Местото претходно беше зафатено со пожар.

Според него, штетата што ја претрпе планината Серта со годинашните пожари кои беснееја десеттина дена, е епохална.

- Мислам дека ќе треба еден век да се поврати ова што е изгорено. Ова е катастрофа. Буквално Серта ни отиде цела. И ова ќе има несогледливи последици во однос на климата во Штип и околните населени места, смета Михаилов.

Посочува дека како јавно претпријатие, во наредниот период мора да работат на пошумување на Серта, но и на другите планини во земјава, каде има пожари.

- За жал, ние ќе мора во наредниот период брзо да делуваме, со одредени механизми, со одредени проекти во делот на повторно пошумување, повторно подигање на зелената маса со дрвни видови што се автохтони, за да може што побрзо да тргнат и едноставно да го вратиме зелениот сјај што го имаше оваа прекрасна планина, истакнува Михаилов.

На „Национални шуми“ како претпријатие кое треба да ги заштитува шумите од пожари и да се грижи за шумското богатство, според Михаилов, му се потребни реформи.

Дипломираниот шумарски инженер Миле Ѓорѓиев од Неготино, вработен во „Национални шуми“ во изјава за МИА посочува дека Серта треба да се пошумува со шумски садници од аризонски чемпрес, дуглазија, црн бор и багрем, како најсоодветни и препорачливи, согласно надморската височина и почвата.

Тој напоменува дека пожарот на Серта кај Неготино, што беше активен 13 дена, беше со најголеми размери, споредено со сите други во изминатите години. Според првичните проценки, зафатил околу три илјади хектари во шума. 

Да се обнови шума потребни се најмалку од три до четири децении

Пожари во 2021 година, беснееја во поширокиот кумановски регион. На Илинден избувна пожар во борова шума во Кокино. Таму веќе почна да се пошумува, но реално за да се обнови шумата, како што појаснуваат стручни лица од подружницата на „Национални шуми“ од Куманово потребни се најмалку од три до четири децении.

Од 144 хектари изгорена шума, 51 веќе се пошумени, 51 остануваат да се пошумат наскоро, останатите во тригодишен период.

- Имаме исчистено дрвна маса околу 16.700 кубика, тоа е огромна количина што е уништена од пожарот. Гледајќи да извлечеме некаков економски бенефит од површината, таа дрвна маса ја продадовме како огревно дрво, извлековме некаков бенефит, кој и понатаму е неспоредлив во однос на биолошкиот или економскиот аспект. Вкупната штета се проценува со оштетен ценовник, вредноста на шума е едно, а штетата е друго. Се проценува со оштетен ценовник кој во дадена состојба изнесува околу 117 милиони денари, огромна сума, појаснува раководителот од кумановската подружница на „Национални шуми“, Велимир Ранковиќ.

Тој појаснува дека биолошката состојба за едно дрво да биде технички корисно, минимум се потребни од 30 до 40 
години.

- Биолошки тоа егзистира, но од економски аспект како шума, како вредност и како квалитет што може да се искористи техничко или како огревно дрво, високостеблените шуми имаат тонус до 100 години, а нискостеблените до 50 години. Ние садиме едногодишни или двогодишни садници. После десетата или петнаесетата година, се гледа дека садницата, подмладокот има придонес во однос на воздухот. Биодиверзитетот е уште позначаен за 
животинскиот свет кој е избеган, затоа што мора да се имаат предвид и негативните ефекти од пожарите како понирање на земјата, појава на свлечишта, уништување на плодноста на почвата што може да произведува само коров, уништување на кабли на различна инфраструктура. Далекусежни се негативните последици од пожарите, нагласува Ранковиќ за МИА.

Пожарите голтаат милиони. Предизвикуваат огромни штети што подоцна се одразуваат врз природата, здравјето на луѓето и опстанокот. Бараат големи трошоци за справување со пламените јазици и ублажување на последиците. А се може да биде многу поедноставно, само ако се има малку повеќе внимателност. Старите рекле, подобро да се спречи, отколку да се лечи. Дури и не сакајќи или случајно да се предизвика пожар, доколку навреме се реагира, тој може да се изгасне дури и со чаша вода.

Светлана Дарудова

Антоанела Димитриевска

Викторија Димитрова - Јованова

Александра Максимовска

Фото: МИА архива

Остани поврзан