• понеделник, 16 декември 2024

Отворени Олимписките игри во Париз

Отворени Олимписките игри во Париз

Париз, 26 јули 2024 (МИА) -  Олимписките игри во Париз беа официјално отворени со спектакуларно отворање што се одржа на брегот на Сена во петокот.

Самите игри ги отвори францускиот претседател Емануел Макрон, откако на собирот се обратија претседателот на Организацискиот одбор на игрите, Тони Естанге и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.

За прв пат отворањето на Игрите се случи во самиот град, а не на стадион, па за обезбедување на учесниците и гледачите, кои се собраа речиси 300.000, беа ангажирани 45.000 полицајци и илјадници војници.

А голем број гледачи можеа да уживаат во фантастично шоу кое не можеше да го расипе ниту силниот дожд кој ги „однесе“ и изведувачите и спортистите на свечената парада што се одржа на чамците на Сена.

На самиот почеток на отворањето, публиката ја крена на нозе мегапопуларната американска пејачка и танчерка Лејди Гага, која изведе два француски евергрини, симболичната песна од мјузиклот „Mon truc en plumes“ и песната на Едит Пјаф „ La vie en rose“.

Олимписките игри во Париз беа официјално отворени со спектакуларно отворање што се одржа на брегот на Сена во петокот.

Реставрацијата на катедралата Нотр Дам, која беше тешко оштетена во пожар во 2019 година, исто така одигра улога во церемонијата на отворањето. Париските занаетчии и градежници се претставени како танцуваат за да го создадат срцето потребно за реставрација на една вековна зграда во центарот на француската престолнина, а не бил заборавен и најпознатиот ѕвонар на црквата Нотр Дам, подгрбавениот Квазимодо од романот на Виктор Иго, кој ги надгледува работите од покривот на катедралата.

Една од најзапаметените точки на целото отворање беше настапот на глобално популарниот француски метал бенд Гоџира, кој во соработка со француско-швајцарската оперска пејачка Марина Виоти ја изведоа револуционерната песна „Аh! Ca ira“ додека се изведуваше Француската револуција на брегот на Сена.

Слоганот на Француската револуција беше „Слобода-еднаквост-братство“, па по настапот на Гоџира и Марина Виоти, кои ја претставуваа слободата, на ред дојде еднаквоста претставена со настапот на најслушаната франкофонска пејачка Аја Накамура, која облечена во златен комбинезон изведе микс од двата нејзини најголеми хита хитовите „Pookie“ и „Djadja“ и евергринот „For me Formidable“ на Шарл Азнавур, додека братството го претставуваше музејот Лувр.

За жал, силниот дожд го расипа настапот на еден од најистакнатите оперски пејачи од новата генерација, контратенорот и брејкденсер Јакуб Јозеф Орлински, кој ја изведе аријата „Дојди Химеро“ од операта на Жан-Филип Рамо.

Французите во целата изведба не ги заборавија своите клишеа како танчери од Канкан, кроасани, но не ги заборавија и своите големи писатели како Виктор Иго и Жил Верн и нивните безвременски дела како „Мезерите“, „Патување во Месечината“, „20.000 милји под морето“, како и големите пронаоѓачи како Монголфие, браќата Лумиер... За време на изведбата на француската химна од покривот на Гранд Пале, некои од големите жени од француската историја беа почестени.

Завршниот дел од свеченото отворање пред официјалниот дел го одбележаа модна ревија и модерна музика.

Пристигнувањето на местото на олимпиското знаме, кое на коњ го донесе припадник на француската жандармерија под Ајфеловата кула, беше феноменално. На ова му претходеше 10-минутна сцена во која знамето на сребрен механички коњ на специјално направена платформа помина 6.500 метри по Сена за да го рашири олимпискиот дух низ градот.

На Игрите учествуваат 10.714 спортисти, во 32 спорта, од 206 земји и територии, плус група спортисти кои ќе се натпреваруваат под знамето на МОК, како и тим на бегалци.

Поради војната во Украина, Русија и Белорусија не учествуваат во екипните спортови.

Париз е домаќин по трет пат во историјата, по 1900 и 1924 година, со што како лидер му се придружи на Лондон, кој исто така трипати ги организирал Игрите, во 1908, 1948 и 2012 година.

Организацијата на Игрите ќе чини околу девет милијарди евра. дс

Фото: ЕПА/принтскрин

Остани поврзан