• недела, 24 ноември 2024

Во Кавадарци промовирана книга за жените борци во НОБ

Во Кавадарци промовирана книга за жените борци во НОБ

Кавадарци, 22 октомври 2024 (МИА) - ,,Жените борци од Тиквешијата во НОБ 1941-1945 година", е насловена книгата од авторката Натка Китева, што денеска беше промовирана во Музеј галеријата во Кавадарци. 

- Уште во првите денови по фашистичката окупација на Македонија, македонските жени со веќе стекнатото богато револуционерно искуство од претходните војни,  оделе во пресрет на настаните кои доаѓале. Во тие четири револуционерни години, тие го достигнале својот највисок дострел, а кој бил изразен со масовното учество во НОБ и Револуцијата, рече Китева, кустос историчар во музејот. 

Таа додаде дека во позадина нивната активност се состоела во обезбедување и собирање на храна, облека, оружје и воен материјал - т.н. “народна помош“. Извршувале курирска, разузнавачка служба и наоѓале илегални засолништа за потребите на борците. Дел од нив заминале на фронтот борејќи се во првите борбени редови. 

- Според историската документација, во НОБ во Македонија учествувале вкупно 5.752 жени. Од нив, околу 300 загинале, седум биле прогласени за народни херои, а 141 жена се носители на високото признание за своето учество во НОБ - Партизанска споменица 1941. Голем број жени биле одликувани со ордени или медали за храброст, братство и единство и заслуги за народ. Ова најдобро зборува за големината и славното чекорење на жената на патот кон слободата, со што ја заслужила почитта и нејзиното место во општеството, истакна авторката. 

Притоа појасни дека книгата содржи биографии на повеќе од 200 жени - борци од НОБ и Револуцијата од Кавадарци, Ваташа, Бегниште, Ресава, Возарци и други села. Истата е збогатена и со фотографии. 

- Како пример при подготвувањето на книгата ни послужи зборникот ,,Жените на Македонија во НОБ” испечатен 1976 година. Со оваа книга имавме за цел да го претставиме исконскиот стремеж за слобода и учеството на македонската жена во борбите за општествени и социјални промени. Притоа имавме за цел да го доближиме читателот до едно историско време во кое со многу жртви и храброст е постигната и озаконета рамноправната положба на жената во Македонија. На изложените банери ги презентираме најважните моменти од народноослободителната борба  во Тиквешијата, додаде таа.

Китева изрази благодарност за помошта и поддршката при подготовката на книгата, до директорот и до вработените во музејот,  до Боро Бојаџиев, кој помогнал во прибирањето на нови податоци и фотографии. Благодарност упати и до Министерството за култура, за финансиската поддршка за успешното реализирање на овој проект. свд/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан