• сабота, 27 јули 2024

Во Кавадарци обука ,,Пристојна работа за жени работнички"

Во Кавадарци обука ,,Пристојна работа за жени работнички

Кавадарци, 21 мај 2024 (МИА) - „Пристојна работа за жени работнички" е насловена интерактивната обука што се реализира во Кавадарци. Дводневната обука што започна денеска, е во организација на Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци, во соработка со Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР), во рамки на проектот „Пристојна работа за жени работнички - Социјално учество и зајакнување”. 

Дел од темите на обуката се безбедни и здрави работни места низ призмата на домашната и меѓународната легислатива за безбедност и здравје при работа, подобрување на политиките за пристојна работа, дискриминација на работно место,  пристап во социјален дијалог,  поголема вклученост во синдикатот и во колективното преговарање. Целта, е, како што беше нагласено, достоинствена и пристојна работа. 

Емилија Андонова, од Фондација за менаџмент и индустриско истражување, рече дека жените работнички секојдневно се соочуваат со различни предизвици. 

Марија Камчева, координаторка за еднакви можности при Општина Кавадарци, потсети дека во Кавадарци веќе има застапено женско претприемништво и тоа е во една добра кондиција. 

- Сакам да укажам на тоа, дека како комисија работиме на тоа да ги застапуваме женските права, посебно на работничките. Се надевам дека заеднички, вработени и работодавачи, ќе направиме една синергија  во интерес на сите, затоа што за да имаме задоволен работодавач треба да имаме задоволни работници, подвлече Камчева. 

Лазар Јовевски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први", раководител на катедрата по трудово и социјално право, како и раководител на центарот за клиничка едукација по трудово право,  говореше за меѓународната нормативна рамка преку актите на Меѓународната организација на трудот, како ООН, ЕУ, Совет на Европа, транспонирање и примена. 

- Едно е минимален правен стандард, согласно на закон, но како треба да биде во пракса е друго прашање. Сите извештаи на Европска комисија за напредокот на Македонија по патот на европските интеграции, укажуваат дека нашите македонски законски стандарди се во согласност со меѓународните правни стандарди. Проблемот е во имплементацијата, праксата, рече тој меѓу другото. 

Софија Волчевска, асистент на овој факултет, се осврна на запознавање со правата од работен однос: вработување, склучување на договор, работно време, одмори и отсуства, плати и надоместоци на плата, дисциплинска постапка. 

Се говореше и за безбедни и здрави работни места. 

- Дискутираме за она што би требало да се  направи за да се обезбеди достоинствена и пристојна работа. Одредбите и законските норми се тие, сакаме да видиме всушност и како е на терен, што се случува, кои се проблемите, како може да се помогне,  рече Волчевска. 

По завршување на настанот, учесниците се стекнуваат со сертификат за учество на обука. свд/вг/

Фото : МИА 

Остани поврзан