• сабота, 27 јули 2024

Во Кавадарци изложба на дела од ликовната уметница Андријана Мациев 

Во Кавадарци изложба на дела од ликовната уметница Андријана Мациев 

Кавадарци, 16 мај 2024 (МИА) - Постхумна ретроспективна изложба на дела од познатата македонска ликовна уметница Андријана Мациев која прерано замина на 12 мај 2022 година, беше отворена синоќа во Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе во Кавадарци. 

На изложбата насловена ,,Љубов за сите", се изложени 20 дела од нејзините последни работни циклуси, ,,Живот во бои",  ,,Женски приказни“, ,,Шарени вибрации - разбуди се, погледни во сонцето и насмевни се“. Беа промовирани и два алманаха, со наслов ,,Љубов за сите“, пишувани од група автори, инспирирани и вдахновени од земниот и небесниот живот на Андријана Мациев. 

Манифестацијата ја водеше нејзината мајка Јулија Мациевска, земаа учество и истакнати ликовни уметници, поети и вокални солисти. 

- Андријана беше чест гостин во нашиот град, учесник на ликовна колонија, на ликовни изложби, на арт хепенинзи, но и како гостинка кај свои пријатели од градот. Таа беше наша, пријателка, другарка и заљубеничка во нашето убаво Кавадарци. Нејзините слики секогаш донесуваат светлина од најубави и најживописни бои и затоа со право можеме да ја наречеме волшебничка на боите. Интересни се и превирањата на боите низ разните пропатни форми, што, со сликарската четка ги зацртуваше на нејзините ликовни платна, кои донесуваа воодушевување и добро ликовно расположение кај поддржувачи и обожаватели на нејзинот творештво, подвлече Јулијана Туриманџова, директорка на културниот дом. 

Таа додаде дека споменот за Мациев ке остане, преку сеќавањата, за нејзиниот, пријателски и непосреден другарски однос, но и преку секој поглед кон нејзините преубави и вонвременски уметнички дела. 

- Затоа оваа изложба нека биде едно живо сеќавање за нејзиното човечко и нејзиното ликовно уметничко, творечко дело, рече Туриманџова. свд/дма/

Фото : МИА 

Остани поврзан