• понеделник, 20 мај 2024

Во Берово претставници од Ромската етничка заедница на прием кај градоначалникот Пекевски

Во Берово претставници од Ромската етничка заедница на прием кај градоначалникот Пекевски

Берово, 8 април 2024 (МИА) - По повод Светскот ден на Ромите, 8-ми април, а во соработка со Културно-уметничкото друштво „Димитар Беровски", денеска претставници од Ромската етничка заедница беа на прием кај градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски. 

На сите припадници на Ромската етничка заедница, Пекевски им го честиташе денешниот празник, посакувајки им многу здравје, среќа, успех и продолжување на соживотот, како и реализација на уште многу успешни проекти  за подобрување на животот на Ромите.

-Преку програмата за образование, на најдобрите ученици Роми, од основното и од средното образование, ќе им бидат доделени парични средства. Водени од големата европска идеја „Обединети во различностите” и понатаму продолжуваме во надминување на проблемите и постигнување на целта, едно општество за сите и сплотени ги остваруваме приоритетите на Ромската заедница, рече Пекевски.

Во изминатиот период, како што додаде, Општината заеднички работеше на приоритети за подобрување на животот на сите граѓани, напоменувајки дека одредени проекти биле насочени кон подобрување на животот на сите граѓани.

- Има и многу проекти, кои беа насочени, исклучиво кон унапредување на животот на граѓаните од Ромската етничка заедница.  Вложуваме  средства за реализација на проекти, од комунална и патна инфраструктура, подобрување на социо економската положба, олеснување на образновниот процес, урбанизација, легализација, домување, водовод и канализација, при што  овозможуваме елиминација на разликите и континуирано го подобруваме животот на Ромите во Берово, додаде Пекевски.

Овој ден, нагласи, е само уште еден поттик, кон зајакнување на меѓуетничката соработка и градењето на мултиетничко општество, а постигнатите резултати, претставуваат мотив за понатамошен заеднички ангажман, кој ќе се стреми кон подобрување на повеќе аспекти од животот на Ромите. вс/цр


Фото: МИА

Остани поврзан