• вторник, 28 мај 2024

Борел и Ленарчич: Потребен е итен прекин на огнот во Газа, Израел има обврска да овозможи пристап на хуманитарна помош

Борел и Ленарчич: Потребен е итен прекин на огнот во Газа, Израел има обврска да овозможи пристап на хуманитарна помош

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - По иранските напади врз Израел, од суштинско значење е да се избегне каква било понатамошна ескалација на тензиите на Блискиот Исток, поради што повикуваме на итен прекин на огнот во Газа согласно Резолуцијата 2728 на Советот за безбедност на ОН, се наведува во заедничката писмена изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич. 

- Бараме итно и неограничено зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа, за да се спречи понатамошна ескалација на оваа хуманитарна криза и на катастрофалниот, предвидлив и можен исход за локалното население, се наведува во изјавата. 

Борел и Ленарчич посочуваат и дека Европската комисија ги нотирала заложбите на Израел за отворање нови пристапни точки за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, вклучително и пристаништето Ашдод и преминот Ерец, како зголемување на испораката на помош од Јордан, но дека приоритетно се потребни видливи активности во таа насока. 

- Сакаме да ставиме до знаење дека неовозможувањето на испораката на помош во потребните количества претставува смртна казна за Палестинците на кои очајно им е потребна помош. Глад им се заканува на 1,1 милион Палестинци, а 210.000 само во Северна Газа се соочуваат со неизбежно гладување, се додава во изјавата. 

Натаму во текстот се наведува дека од 7 октомври во Газа пристигнал „само дел од минималната потребна храна“, што значително придонело за појавата на глад и за акутен недостиг на храна. 

- Нема недостиг од залихи бидејќи ги има во изобилство, но чекаат на границите со соседните земји и се подготвени да бидат канализирани во Газа. Неопходно е да ги оставите да пристигнат до оние на кои им се потребни. Ги повикуваме сите страни да ги исполнат своите обврски според меѓународното право, а особено ја нагласуваме одговорноста на Израел како окупаторска сила да обезбеди задоволување на основните потреби на Палестинците во Газа, се истакнува во писмената изјава. 

Според Борел и Ленарчич, ваквите обврски на Израел подразбираат дека хуманитарната заедница ќе има непречен и безбеден пристап до населението, пред се по копно, за да му помогне со соодветни средства. 

- Овие обврски не се дискрециони, туку предвидени со меѓународното хуманитарно право, како што е утврдено со Четвртата женевска конвенција. Тие се исто така засилени со привремените мерки на Меѓународниот суд на правдата, резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации и заклучоците на Европскиот совет, додаваат претставниците на ЕК. 

Тие натаму посочуваат дека нестабилноста во Газа, заедно со нападите врз хуманитарните работници и медицинскиот персонал, придонесуваат за намалување на хуманитарниот простор. 

- Загинувањето на седумте членови на персоналот од Светската централна кујна е само еден од многуте ужасни напади врз хуманитарците, во кои животите ги загубија над 200 хуманитарни работници. Целиот хуманитарен и медицински персонал, како и болниците и установите за помош, мора да бидат заштитени според меѓународното хуманитарно право, се потенцира во изјавата. 

Борел и Ленарчич, исто така, го повикуваат Израел да се справи со рапидната ескалација на насилство низ Западниот Брег, при што тие силно го осудуваат насилството што го вршат екстремистите од редовите на еврејските доселениците и бараат сите сторители да бидат повикани на одговорност. 

- Потребна е итна акција за деескалација на ситуацијата и за ставање крај на циклусот на крвопролевање и одмазда, заклучуваат Борел и Ленарчич во писмената изјава. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан