• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи: Извештајот на Светска банка со аларматни и поразителни податоци за економската состојба во земјата

Битиќи: Извештајот на Светска банка со аларматни и поразителни податоци за економската состојба во земјата

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи денеска на прес-конференција изјави дека Светската банка во својот најнов извештај за Македонија изнесе аларамантни и поразителни податоци за економската состојба на земјава, дека извештајот не е технички документ туку слика на секојдневието од втората половина на тековната година – раст на цените, уништување на животниот стандард, откажување од планот за раст на платите.

Според Битиќи, нашата економија е во слободен пад и наместо очекуваниот економски раст од 2,5 проценти, годинава, според Светска Банка, ќе ја завршиме со само 1,8 отсто раст на БДП што е јасен сигнал дека економските политики на ВМРО-ДПМНЕ се целосно неуспешни.

- Во извештајот јасно се забележува дека главната причина за овој пад е „топло-ладниот” однос према реализирањето на клучните инфраструктурни проекти – Коридорите 8 и 10Д, кои требаше да донесат економски бенефит, но ВМРО-ДПМНЕ ги држи на хартија. Наместо да се движиме напред, владата дозволи овие проекти да останат закочени, а тоа има катастрофални последици за БДП. Дополнително, додека слушаме за големи ветувања за инвестиции во енергетскиот сектор, според Светска банка овде се таложат проблеми кои се реален ризик да го забрзаат падот на економијата, рече Битиќи.

Пратеникот на СДСМ посочува дека во ваква ситуација, светлото на крајот на тунелот, според Светска банка, може да биде само Планот за раст на Европската унија, кој заедно со веќе воспоставените мерки за раст на платите и поддршката на компаниите (домашни и странски) би донел позитивен импулс во македонската економија.

- Ова е патот кој треба да го следиме – патот кон Европа, кон стабилност и модернизација. Но, наместо тоа, Владата продолжува да се задолжува неконтролирано со кредити кои ќе ја донесат државата во компромитирана ситуација не само на економски туку и на геополитички план, рече Битиќи.

На крајот од годинава, како што рече, фискалниот дефицит ќе достигне  4,9 проценти, а јавниот долг ќе скокне на загрижувачки 63,5 проценти од БДП.

- Со ново најавените 500 милиони евра дополнително задолжување од Унгарија, може да очекуваме јавниот долг да се приближи на 70% од БДП. Патека која води во економски пропаст. Се создава долг што економијата нема капацитет да го поддржи преку создавање на нова вредност. Каматната стапка од 3,25%, кој е толку фалена од власта, е повисока од очекуваниот раст на БДП за 1,45 процентни поени.

Според него, Владата не може да ја контролира ситуацијата, а луѓето едвај врзуваат крај со крај. Владините мерки за ограничување на маржите на мал дел од прехранбените производи, вели Битиќи, се апсолутен неуспех.

- Економијата може и мора да се опорави, но за тоа е потребна влада која знае како да управува со ресурсите на државата, која е транспарентна и која ќе ги штити интересите на сите граѓани, а не интересите на привилегирани малкумина, рече Битиќи на прес-конференцијата.

Пратеникот на СДСМ кажа и дека повратот на ДДВ станува сериозен проблем за македонската економија, особено што, како што вели, повратот на ДДВ директно влијае врз ликвидноста на самите компании.

-Според моите информации, некаде 1.500 компании чекаат повеќе од еден месец, а некои и до три месеци и вкупниот долг коишто компаниите треба да го добијат од страна на УЈП е од 250 до 300 милиони денари, нешто што не се случувало во последните седум години. Дополнително, советот коишто би требало да се свикува за поврат на ДДВ во рамки на УЈП не е свикана веќе четири месеци, рече Битиќи.

Ова, според него. покажува дека се враќаме во ерата на селективно плаќање и исплаќање на ДДВ коешто беше карактеристика и пракса до 2016 година. ев/

ФОТО: СДСМ

 

Остани поврзан