• вторник, 18 јуни 2024

Белгијците бираат европски, федерални и регионални пратеници 

Белгијците бираат европски, федерални и регионални пратеници 

Брисел, 9 јуни 2024 (МИА) - Белгијците денеска излегуваат на гласање за да изберат членови на Европскиот парламент, на Федералниот парламент на Белгија и на парламентите на регионите Брисел, Валонија и Фландрија, додека припадниците на германското малцинство ќе избираат и пратеници во Парламентот на германофонската заедница.  

Гласањето во Белгија е задолжително за сите оние белгиски државјани со наполнети 16 години кои согласно законот ги исполнуваат условите за стекнување на гласачко право. За неисполнување на оваа законска обврска следи парична казна. 

На европско ниво ќе бидат избрани 22 европратеници од полуотворени листи според пропорционален систем без изборен праг во три изборни единици наречени „изборни колеџи“, а распределбата на мандатите е според Д’Онтовиот модел.  

Изборните единици не се по географски, туку по етничко-јазичен принцип и бројот на пратеници што се избираат во нив зависи од големината на етничката заедница. Така, холандско јазичниот изборен колеџ дава 13 европратеници, француско јазичниот – 8, а германско јазичниот колеџ еден мандат. На овие избори Белгија доби уште едно дополнителен мандат во според со 2019 година согласно најновите податоци за бројноста на населението и тој е додаден во „холандскиот“ колеџ. 

Покрај Белгијците, право на глас на европските избори имаат и државјаните на другите држави на ЕУ кои живеат во Белгија. 

Ова се десетти директни избори за членови на Европскиот парламент што се одржуваат во Белгија, а први на кои покрај сите полнолетни граѓани право на глас имаат и жителите на земјата на возраст од 16 и 17 години.  

Право за учество на европските избори имаат кандидатски листи што ќе бидат поддржани од најмалку петмина членови на Федералниот парламент – на Претставничкиот дом или Сенатот или доколку соберат потписи за поддршка од граѓаните - по најмалку 5000 потписи за кандидирање во „холандскиот“ и „францускиот“ колеџ и по најмалку 200 во „германскиот“ изборен колеџ. 

Во „холандскиот“ изборен колеџ се поднесени девет кандидатски листи, во „францускиот“ – седум, а во „германскиот“ – шест листи. 

Според анкетите на јавното мислење, во „холандскиот“ колеџ најмногу гласови се предвидува да освои ултра националистичката и десно популистичка партија Фламански избор (ВБ), која е членка на европската екстремно десничарска група Идентитет и демократија (ИД), пред националистичката Нова фламанска алијанса (Н-ВА), што е дел од десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР). Меѓутоа, поради карактеристиките на Д’Онтовиот модел се предвидува двете партии да добијат по тројца европратеници. 

Натаму следуваат либералната партија Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД), дел од групата „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) и социјалдемократската партија Напред (Воројт), членка на европската Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), на кои им се предвидуваат по два мандати, додека по еден европратеник се очекува да освојат партиите Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), дел од Европската народна партија (ЕПП), Зелените, членка на европските Зелени и Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ), кој и припаѓа на европската група Левица.  

Во „францускиот“ табор се очекува да победи Социјалистичката партија (ПС) од групата СД, пред членката на РЕ, Реформско движење (МР) и Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ), кои би добиле по два мандати. По еден европратеник им се предвидува на зелената партија Еколо и демохристијанската партија Посветените (ЛЕ), кој е дел од ЕПП. 

Европратеникот од „германскиот“ колеџ се очекува да го даде членката на ЕПП, Христијанско-социјалната партија (ЦСП). 

Доколку се остварат ваквите прогнози Белгија ќе „делегира“ по четворица европратеници во СД и либералната РЕ, по тројца во ИД, ЕЦР, ЕПП и Левицата и два пратеника во групата на Зелените. 

На парламентарните избори се бираат 150 членови на Долниот дом на Федералниот парламент – Претставничкиот дом, со мандат од пет години. Членовите во Претставничкиот дом се бираат според пропорционален модел во 11 изборни единици, кои даваат од 4 до 24 пратеници во зависност од нивната големина. Од вкупниот број изборни единици, по пет изборни единици се во холандофонскиот регион Фландрија, од каде доаѓаат 87 пратеници, и во франкофонскиот регион Валонија со 47 пратенички места, а една изборна единици со 16 мандати е регионот на Брисел.   

Во сите 253 франкофонски општини во Валонија и во 141 општина во Фландрија гласањето се врши само на класичен начин на хартиени гласачки ливчиња на избирачки места, додека во 159 фламански општини, во деветте германофонски општини во Валонија и во сите 19 општини на Брисел се спроведува електронско гласање.   

За парламентарните избори се поднесени вкупно 35 изборни листи, кои се поделени по етничка и регионална основа. 

Според анкетите на јавното мислење, најмногу пратеници, односно 26, би требало да освои фламанската ВБ, пред втората фламанска десничарска партија Н-ВА на која и се предвидуваат 20 мандати и себелгиската наднационална ПВДА/ПТБ со 19 или 20 места. Валонското либерално МР се очекува да освои 18 мандати, пред двете социјалдемократски партии – валонската ПС со 16 до 18 пратеници и фламанската Воројт со 11 или 12 места. Натаму следуваат двете демохристијански партии – валонската ЛЕ со 10 или 11 мандати и фламанската ЦДВ со 10 места, пред фламанската Опен ВЛД на актуелниот белгиски премиер Александер Де Кро, која се очекува да освои седум пратеници. Двете зелени партии Зелен и Еколо може да се надеваат на 5, односно 4 мандати, а еден пратеник се очекува да добие бриселската регионална либерална партија Независни федералистички демократи (ДЕФИ). 

Доколку се остварат ваквите прогнози актуелната седумчлена владина коалиција, што ја сочинуваат ПС, МР, Опен ВЛД, ЦДВ, Еколо, Воројт и Зелените, би имала 72 или 73 пратеници, односно помалку од неопходните 76 места за мнозинство во Претставничкиот дом. Во такви услови се очекуваат нови долготрајни преговори за формирање на нова влада. По претходните избори во мај 2019 година, дури во март 2020 година или 296 дена по изборите беше формирана времена малцинска Влада предводена од Софи Вилмес, кој уште во октомври претходната година стана в.д. премиерка откако дотогашниот премиер Шарл Мишел ја презеде функцијата претседател на Советот на ЕУ. Актуелната Влада на Де Кро, пак, беше формирана во октомври 2020 година или 494 дена по одржувањето на изборите. 

Според него ЕУ треба да и понуди на Украина приближување кон ЕУ, со учество во демократскиот систем и внатрешниот пазар, и да им се овозможи да учествуваат во некои од институциите на ЕУ. Тој

Се очекува во преговорите за новата влада да бидат вклучени седумте досегашни владини партнери плус ЛЕ. Но, фламанските десничарски партии инсистираат на принципот владата да ја формираат победничките партии во двата етнички блока – фламанскиот и валонскиот, посочувајќи дека доколку тие бидат исклучени од идниот Кабинет, тогаш „две третини од фламанските гласачи нема да бидат претставени во таквата влада“. 

На трето ниво, Белгијците ќе бираат и регионални парламенти на Брисел, Валонија и Фландрија, како и 25-члениот Парламент на германската јазична заедница. 

На изборите за 79-члениот бриселски Регионален парламент се очекува да победи либералното МР со меѓу 22,9 и 23,3 отсто од гласовите, пред ПДВА/ПБТ со 19,8 проценти, ПС со меѓу 15 и 15,2 отсто и Еколо со меѓу 11,6 и 12,5 проценти. Натаму следуваат ЛЕ со 7,7 отсто, ДЕФИ со нешто над седум проценти, ВБ со околу пет отсто, Зелените со околу 4,5 и Н-ВА со нешто под четири проценти. Останатите партии би освоиле по два отсто од гласовите. 

Во Валонија за 75-члениот Парламент се очекува неизвесна битка меѓу ПС и МР на кои им се прогнозираат по околу 23 отсто од гласовите, пред ЛЕ со околу 18 проценти и ПВДА/ПБТ со меѓу 14,5 и 16 отсто. Натаму следува Еколо со меѓу осум и девет проценти и ДЕФИ со нешто над четири отсто, додека сите останати листи би добиле меѓу седум и девет проценти. 

На изборите за 124-члениот Парламент на Фландрија се предвидува победа на ВБ со меѓу 25,8 и 27,2 отсто, пред Н-ВА со меѓу 19,6 и 21 проценти и Воројт со меѓу 13 и 15,6 отсто. На четвртото место се очекува да се најде ЦДВ со меѓу 12 и 12,3 проценти од гласовите, пред ПВДА/ПБТ со меѓу 8,9 и 10,2 отсто, Опен ВЛД со меѓу седум и 9,2 и Зелените со меѓу 6,1 и 6,9 проценти од гласовите. Останатите листи се превидува да добијат меѓу два и 2,8 проценти од гласовите.

Доколку се остварат ваквите резултати, тие сериозно би можеле да ги загрозат идните политички кариери на премиерот Де Кро, но и на лидерот на Н-ВА, Барт Де Вевер, чија партија беше водечка во фламанскиот блок во изминатите неколку изборни циклуси од 2010 година. 

Инаку, право на глас на изборите имаат и околу 420.000 полнолетни Белгијци кои живеат во странство, од кои за гласање се пријавиле околу 255.000. Тие го остварија своето гласачко право во белгиските дипломатско-конзуларни претставништва во странство во средата во периодот од 13 до 19 часот. Кога станува збор за Белгијците што живеат во некоја земја членка на ЕУ, тие имаа право да гласаат и на изборите за белгиски членови во Европскиот парламент, како и на изборите за европратеници од државата во која живеат. сп/

Фото: МИА Архива/Икс/Фејсбук

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан