• петок, 26 април 2024

Бела куќа: Воздржаноста на САД за Резолуцијата за прекинот на огнот во Газа не е промена во политиката

Бела куќа: Воздржаноста на САД за Резолуцијата за прекинот на огнот во Газа не е промена во политиката

Вашингтон, 25 март 2024 (МИА) - Портпаролот на Советот за национална безбедност при Белата куќа, Џон Кирби, денеска изјави дека американското воздржување при гласањето за резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за прекин на огнот во Газа не значи промена на американската политика.

САД одлучија да се воздржат од резолуцијата со која се повикува на итен прекин на огнот во Газа, а Кирби рече дека земјата била јасна и доследна во поддршката за прекин на огнот како дел од договорот за заложници.

Советот за безбедност на ОН денеска ја усвои таа резолуција.

„Нема причина да се гледа како некаква ескалација. Причината за воздржаноста е што текстот на резолуцијата не го осудува Хамас“, рече Кирби.

Кирби рече дека САД „очекуваат да можат да разговараат со израелската делегација подоцна оваа недела“ за разгледување алтернативи за големата копнена офанзива во Рафа. Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, веднаш по гласањето го направи она што го најави и ја откажа посетата на делегацијата на Вашингтон, поради воздржаноста на САД.

Портпаролот на Советот за национална безбедност при Белата куќа потсети дека израелскиот министер за одбрана Јоав Галант веќе пристигна во посебна посета на САД и ќе се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот колега Лојд Остин. Предвидена е и средба со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Кирби изрази уверување дека состаноците ќе дадат можност да се разговара за плановите на Израел за Рафа во време кога ОН, САД и муслиманскиот свет предупредуваат дека офанзивата во Рафа ќе доведе до хуманитарна катастрофа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан