• недела, 28 април 2024

Амбасадорите Горан Милевски и Едмонд Адеми ги презентираа платформите за мисиите во Словенија, односно Шпанија

Амбасадорите Горан Милевски и Едмонд Адеми ги презентираа платформите за мисиите во Словенија, односно Шпанија

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - На седница на собраниската Комисија за надворешна политика денеска новоименуваните амбасадори на земјава за Словенија, Горан Милевски, и за Шпанија, Едмонд Адеми ги претставија платформите за нивната дипломатска активност.

Во презентацијата на тезите за својата активност Горан Милевски истакна дека Република Северна Македонија со Република Словенија има исклучително добри билатерални политички односи и плодна и богата соработка на локално ниво, во областа на економијата, образованието, здравството, културата. Словенија е првата земја која ја призна независноста на земјава.Оваа година ќе се одбележи јубилеј - 30 години од отворањето на Амбасадата на нашата земја во Љубљана, која е прва воопшто амбасада отворена во странство на 7 јуни 1993 година.

-Од Словенија има што да учиме бидејќи од 2004 е членка на ЕУ и на НАТО, а во 2007 година е дел од еврозоната како и од Шенген зоната. Патот што тие го изедоа може да биде наш патоказ како да станеме дел од ЕУ, но и да го подобриме стандардот на граѓаните. Словенија е и најголем лобист на Македонија и за членство во НАТО, но и за членство во ЕУ. Словенија е моторот кој што цел Западен Балкан го влече во ЕУ и нашиот најзначаен стратешки партнер таму, рече Милевски.

Тој додаде дека наспроти извонредните политички односи, економските односи не ја следат таа динамика и се во просекот на трговската размена, со дефицит на македонската страна. Позитивно е што овој дефицит од година во година се намалува и последната година покажува дека македонскиот извоз прв пат ќе надмине 100 милиони евра при меѓусебна размена од 235 милиони евра, со најмал дефицит на наша страна и разлика од 34 милиони евра.

-Наша работа како Амбасада е да вложуваме напори што е можно повеќе да го зголемуваме извозот во Словенија и паралелно со тоа да ги зголемиме инвестициите на Словенија во Северна Македонија, рече амбасадорот Милевски.

Тој напомна дека од 2003 до 2021 година Словенија инвестирала кај нас 554 милиони евра, а само последната година 11 милиони евра и е петти најголем инвеститор во земјава. Во 40 компании кои работат кај нас вработени се 2500 лица. За споредба инвестиции од земјава во Словенија за последните 10 години изнесува 60 милиони евра. Според структурата, најмногу се извезуваат фармацевтски производи, лекарства, а разочарува фактот што се зголемува дефицитот во однос на извозот на земјоделски производи, на што вели мора да се работи тој да се намали.

Милевски најави дека ќе се заложи и за повторно воспоставување на авиолинијата Скопје - Љубљана, која беше укината поради ковид-пандемијата, а која значително ќе придонесе за унапредување на економските односи, привлекувањето словенечки инвестиции и на туризмот, на што како амбасадор посебно ќе работи. Ја напомна и улогата на македонската дијаспора во Словенија која брои 20 000 лица, која е политички активна и веќе има еден европратеник од Словенија со македонско потекло, како и еден министер во новата Влада на премиерот Роберт Голоб, но и советници во две општини. Во Словенија студираат и околу 2 000 наши граѓани, кои ги имаат истите права како и домашните студенти.

На прашањето од пратеничката од НСДП Соња Мираковска, истакна дека веќе постојат договори меѓу интситуции и минситерства за соработка и користење на словенечката експертиза и искуство во однос на развојот и капацитетите на администрацијата на патот кон ЕУ во контекст на пристапните преговори, а ќе работи на тоа да се искористат политичките конекции за да се помогне на нашите ресорни министетства во оваа насока.

Претседателот на Комисијата Антонио Милошоски забележа дека Милевски има амбициозна агенда, но со само еден дипломат и секретарка во амбасадата во Љубљана многу тешко ќе може да ја реализира.

- Моја препорака е МНР малку да намали со своите активности за промоција и на ПР на министерот, а малку повеќе да ги зголеми средствата за диполомати во амбасадите каде Македонија има пријатели, но и големи шанси за промоција на своите интереси, и за соработката во повеќе области, рече Милошоски.

Новоименуваниот амбасадор во Кралството Шпанија, Едмонд Адеми при своето излагање подвлече дека Шпанија која е членка на НАТО и ЕУ, во континуитет ја поддржува нашата евроатлантска интеграција, а во втората половина од годината веќе по петти пат ќе претседава со ЕУ. Посочи дека веќе се најавени контурите и клучните правци на кои ќе се фокусира шпанското претседателство со ЕУ, а тоа е Европа поинтегрирана, пофлексибилна и со поголем глобален ефект.

-Во однос на Западен Балкан Шпанија има намера да ја зачува својата европска перспектива и да ги консолидира и промовира билатералните односи со земјите од регионот поддржувајќи го нивниот напредок кон пристапувањето во ЕУ. Шпанија во континуитет ја поддржува нашата интеграција во ЕУ и се залага за наш забрзан пробив на европскиот пат. Го застапува ставот дека забрзаното, ефективно и ефикасно спроведување на реформите и исполнување на критериумите на ЕУ ќе има придобивки за подобрување на жиивотниот стандард на самите граѓани, но и за поефикасно одвивање на процесите, рече Адеми.

Тој нагласи дека својата активност ќе ја насочи на промоција на нашите интереси, а особено на привлекување директни странски инвестиции и развој на културната соработка, како и за воведување директни авиолинии од Скопје за Мадрид, Барселона... Најави и дека е договорено со МНР зајакнување на капацитетите на Амбасадата со неколку дипломати во пресрет на шпанското претседавање, со цел ова претседателство да биде искористено. 

Според Милошоски, треба да се зајакне бројот на дипломати во Амбасадата, не само во едно полугодие туку подолгорочно. 

Реџеп Демири кој е именуван за амбасадор во Швајцарија, поради здравстени причини не присуствуваше на седницата. Тој тезите ќе ги брани на продолжението на седницата кое ќе биде дополнително закажано.

Со презентацијата на тезите во матичната собраниска комисија, именуваните амбасадори го минуваат последниот филтер пред заминување во дипломатската мисија. вг/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан