• недела, 22 декември 2024

Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен пред 23 години кај Вејце

Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен пред 23 години кај Вејце

Куманово, 28 април 2024 (МИА) - Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце 2001 година денеска беше откриен во Куманово. Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден 2001 година. Организатор на денешниот настан е здружението „Слобода, искреност, лојалност, акција-СИЛА“ и колегите од единицата „Волци“.

-Во 2001 година се случи еден настан во текот на борбените дејства при одбрана на државата каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, четворица од армијата, од специјалната единица „Волци“ меѓу кои и Трајковски Бобан-Другарчики. Тој учествуваше во таа акција и го даде својот живот за нашата Македонија. За жал, 23 години само за овој човек колку што имам информација барем за оваа случка никој нема направено апсолутно ништо. Јас како негов другар, сосед, претпоставен, бидејќи и јас тогаш бев вработен во „Волци“ како старешина, сега пензионер, си зедов за обврска заедно со единицата „Волци“ да направиме свечена манифестација каде што ќе го обележиме настанот, бидејќи 23 години никој ниту на централно, ниту на локално ниво не успеа да направи нешто, изјави Антонио Станковски, од здружението „СИЛА“.

Муралот го изработија уметниците од „Форма“ кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.

-Ова можеби е само почеток. Немаме ниедна улица, објект, јавен во градот којшто би требало да го носи неговото име, тука треба општината да донесе одредени одлуки, каде што никој нема да се налути, бидејќи го градиме мултиетничкото општество, но постои начин. Овие луѓе биле во легална институција, законски поставувале, го дале животот и мислам дека никој не треба да се навреди ако има какво било обележје во градот, дали име на школо, улица, објект, итн. Немавме никакви проблеми од граѓаните на зградата, бидејќи требаше да имаме нивна согласност. Тие сите и дуќаните и станарите апсолутно не правеа проблем, рекоа цртајте сè што мислите ако ова е во интерес на државата и на ликот на Бобан Трајковски, кажа Станковски.

На настанот присуствуваа членови на семејството, колеги, припадници на безбедносните сили, кумановци. На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осум припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени. Тој дена беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24). ам/вј/

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан