• сабота, 18 мај 2024

Албарес: Шпанија ќе ја признае палестинската независност „многу наскоро“ 

Албарес: Шпанија ќе ја признае палестинската независност „многу наскоро“ 

Брисел, 10 мај 2024 (МИА) – Мадрид засега ниту ја потврди, ниту ја негира информацијата на ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ дека неколку земји членки на ЕУ, предводени од Ирска и Шпанија, на 21 мај ќе ја признаат независноста на „Државата Палестина“. 

Запрашан за коментар за ваквите најави, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес изјави дека одлуките некогаш не може да се предвидат однапред.  

- Разговарам со некои од моите европски колеги за да го анализираме најдобриот момент за да го направиме ова признавање. Тоа ќе го знаете по одлуката на Советот на министри, изјави Албарес.  

Според него, Шпанија ќе ја признае независноста „многу наскоро“ и тоа ќе го направи водена од „праведноста и чистата човечност, бидејќи палестинскиот народ не може да остане народ на бегалци“.  

Албарес потврди и дека на денешното заседание на Генерално собрание на ОН, Шпанија ќе гласа за полноправно членство на „Палестина“ во Светската организација.   

Според РТЕ, кој посочува дека информацијата е потврдена од два различни извори, покрај Ирска и Шпанија, меѓу земјите кои би ја поддржале оваа иницијатива сигурно би била и Словенија.  

Имено, овие три земји задно со Малта на 22 март потпишаа заедничка декларација со која изразија поддршка на „признавањето на Палестина како независна држава“, со што, според нив, би се дал придонес на решението за две држави како единствена одржлива политичка алтернатива за ставање крај на долготрајниот израелско-палестински конфликт.  

Инаку, шпанската Влада на премерот Педро Санчез е под притисок на помалиот коалициски партнер, блокот Сумар, за признавање на палестинската независност. На тој притисок вчера се надоврза и министерот за социјални права на Шпанија и кадар на Сумар, Пабло Бустиндуј, кој ги повика шпанските компании што имаат инвестиции во Израел да „преземат мерки за да избегнат учество во геноцидот во Газа“.  

Ваквиот повик предизвика реакции во шпанската јавност, по што се огласи пратеникот од редовите на Сумар и генерален секретар на Комунистичката партија на Шпанија (ПЦЕ), Енрике Сантијаго, кој изјави дека Бустиндуј само ги потсетил шпанските компании со активности во Израел „на очигледното и им направил услуга“ за евентуално да не го прекршат меѓународното право.   

- Шпанските компании со инвестиции на окупираните палестински територии може да се соочат со правна постапка во Шпанија, доколку го прекршат меѓународното хуманитарно право и кривичниот законик, додаде Сантијаго.  

Инаку, досега независноста на палестинската држава ја признаа 141 земја, меѓу кои и девет членки на ЕУ - Бугарија, Кипар, Малта, Полска, Романија, Словачка, Унгарија, Чешка, и Шведска. сп/  

Фото: МИА архива 

Остани поврзан